Австриски европратеник бара ЕУ да почне преговори со Македонија

Loading...

Отмар Карас, европратеник од Австриска народна партија, силно се залага за тоа Европска унија да отпочне преговори за членство со Македонија и со Албанија, што, според него, би претставувало охрабрувачки сигнал за земјите од Западен Балкан.

„Ова е клучен тест за Европска унија во однос на Западен Балкан. Пред летниот период мора да биде дадено зелено светло за преговори за пристапување во ЕУ на Македонија и на Албанија. Само така ќе може земјите од Западен Балкан да бидат убедени во често ветуваната и спомнувана европска перспектива“, изјави членот на Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент во пресрет на самитот „ЕУ – Западен Балкан“ што ќе почне утре во Софија.

„Во Софија го поставуваме курсот, а на самитот на ЕУ во јуни мора да падне одлука за пристапни преговори со Албанија и со Македонија. Тоа ѝ е потребно и на Австрија толку блиску до нејзиното претседателство со ЕУ, за да се фокусира на зајакнувањето на европската перспектива на земјите од Западен Балкан“, додава еден од потпретседателите на Европски парламент од 2012 до 2014 година.

„Да нема недоразбирање – планираното проширување на ЕУ со Западен Балкан не е услуга што ние сакаме да им ја направиме на земјите таму. Напротив, ние сакаме да се воспостават заеднички европски вредности и меѓусебно дружење на долг рок во овој важен дел од Европа. Во тек е трка со Русија и со Кина, кои сакаат да создадат нивни политички и економски системи во земјите од Западен Балкан. Се разбира, земјите од Западен Балкан мора прво да ги исполнат сите услови за членство во ЕУ пред да се приклучат. Ова вклучува решавање на територијалните спорови и нормализација на добрососедските односи меѓу Србија и Косово“, заклучува Карас.

Австрија го презема претседавањето со Советот на ЕУ веднаш по Бугарија, од 1 јули до крајот на годинава, што ќе биде нејзино трето промовирање во таква улога по 1998 и 2006 година.