На некогашниот Ден на Републиката, кога пред 75 години на Второто заседание на АВНОЈ е создадена нова Југославија, списанието „Космо“ од Австрија објави напис за тоа што би било кога денес би се обновила државата што се распадна во 1991 година.

Месечникот со тираж од 120.000 примероци, чија целна група е многубројната ексјугословенска колонија во Австрија, наведува пет факти засновани на претпоставки од експерти, меѓу кои се издвојува таа за просечната плата од околу 1.400 евра!

1. 21 милион жители

Толку луѓе би живееле денес во Југославија, во случај Косово да припаѓа и на новата Југославија. Ова би ја направило Југославија една од десетте најголеми земји во Европа – поточно, осма најголема земја. Тоа би биле 2 милиона жители помалку отколку во 1991 година, кога СФРЈ имаше 23 милиони жители. Кога станува збор за етничката структура, во неа денес би живееле 35 проценти Срби, 20 отсто Хрвати, 11 отсто Албанци, 9 отсто Бошњаци, 8 отсто Словенци, 6 отсто Македонци, 1 отсто Црногорци и 10 отсто останати.

2. Годишна просечна плата: 16.291 евра

Просечниот граѓанин на обновена Југославија би имал годишна плата од 16.291 евро. (1.357 месечно – н.з.). Реунификацијата во овој поглед посебно би им се исплатела на Косоварите, Бошњаците, Србите, Македонците и Црногорците. За да се докаже ова, само примерот на Македонија е доволен: таму просечната месечна плата изнесува 399 евра.

3. Посилна економска позиција

Бруто националниот производ на новоспоената Југославија би изнесувал 191,045 милијарди долари. Ова би ја ставило Југославија на 53. место во светот во смисла на силата и на големината на економијата.

4. Југославија како европски играч

Дека Југославија имаше да каже многу повеќе како држава и денес ќе имаше главна улога на преговарачките маси на Европа и во светот, убеден е и познатиот американски политиколог Фил Батлер. Тој тврди дека Југославија денес би била една од централните држави во Европа и оти со Југославија би преживеало движењето на неврзаните. Како резултат на тоа, Европска унија не би имала ‘монопол’ во Европа и би имала помалку да каже геополитички. Батлер е поддржувач на тезата дека распаѓањето на Југославија од страна на Запад – особено со мотивот за слабеење на една силна држава – е намерно промовирано.

5. Спортската моќ во светот

Кога повторно би имало југословенски репрезентации и спортисти кои би се натпреварувале под југословенското знаме, тогаш Југославија, несомнено, би била меѓу првите пет спортски сили во светот. Јасно е дека Југославија би била апсолутна светска сила, особено во екипните спортови, како што се кошарка, фудбал, ватерполо и ракомет. Ова може да се докаже со успехот на Хрватска на Светското првенство во фудбал и на Србија само на кошаркарските турнири.