Русите го знаат квалитетот на македонското овошје и зеленчук и нема најава дека по членство на Македонија во ЕУ ќе има пречки за пласман на рускиот пазар од политички причини. Пречките би биле исклучиво од аспект на конкурентност, вели во интервју за МИА директорот на Македонско-руската комора, Дејан Бешлиев.

Македонско-руската стопанска комора во овој момент ниту има најава ниту, пак, од оваа перспектива во иднина очекува какви било мерки од страна на Руската Федерација, по евентуалното пристапување на Македонија во ЕУ.

Сметаме дека е многу интересно да се погледне примерот на Словенија, која како членка на ЕУ и на НАТО, сепак, благодарение на континуираните билатерални контакти, успеа да изгради своја патека за соработка со Руската Федерација.

Рускиот пазар и потрошувачите одамна го имаат детектирано квалитетот на нашите земјоделски производи и оттаму е таквиот зајакнат интерес за нивно купување, вели Бешлиев и додава:

„Но, клучното прашање е до која цена се подготвени руските компании да платат за неспорниот квалитет на нашите праски, рана зелка, јаболка, домати… Рускиот пазар е буквално нападнат од голем број производители од сите страни на светот, конкуренцијата е безмилосна и на тоа македонските производители во иднина ќе мора да посветат поголемо внимание. Пречките за поголемо присуство на овој пазар најмалку во иднина може да се очекува да бидат политички, туку само конкурентски“, вели Бешлиев во интервју за МИА.

Оставете Коментар