Би-Би-Си: Македонија и Албанија остануваат во блокада

Продолжувањето на блокадата на европскиот пат на Македонија и на Албанија е една од петте работи што ќе го обележат самитот „ЕУ – Западен Балкан“ во Софија, а требаше да биде поинаку, констатира Би-Би-Си на српски јазик, а пренесува весникот „Данас“.

„Македонија и Албанија остануваат во блокада. Во пресрет на самитот се веруваше дека до неговиот почеток би можело да дојде до компромис во спорот околу името меѓу Грција и Македонија, што би отворило можност Македонија конечно да почне со преговори за членство. Тоа не се случи. И Албанија, која во текот на минатите месеци спроведе радикални реформи во правосудството, се надеваше на почеток на преговори, но од тоа засега нема ништо“, се вели во делот за двата соседа.

Другите четири нешта што требаше да се случат во Софија, а нема да се случат се: нема сите да присуствуваат (шпанскиот премиер Маријано Рахој поради Косово), Балканот нема да биде во центарот на вниманието (повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран и крвопролевањето во Газа се доминантните теми), нема многу да се зборува за проширувањето (на инсистирање на Шпанија, во нацрт-декларацијата зборот „проширување“ е заменет со „европска перспектива“, наместо „државите од Западен Балкан“ пишува „партнерите од Западен Балкан“, пак поради Косово) и нема да има напредок околу Косово (имаше надеж дека до самитот или на него ќе дојде до напредок околу формирањето Заедница на српски општини и дека Косово по ратификувањето на границата со Црна Гора ќе добие безвизен режим, но нема да има ништо од двете).

 

1 Коментар

Comments are closed.