Бјадов: Еден куршум и два зајака (Анализа)

Пишува Трајче Бјадов

Американската политика разбира дека најголем непријател на американската стратегија во Македонија преку #Референдумот (и со тоа на Балканот) не е движењето #Бојкотирам, туку владејачката партија, СДС, па затоа го праќа Филип Рикер да дава изјави од типот ,,не ја пропуштајте шансата за НАТО сега; ако сте незадоволни од партијата на власт, казнете ја неа на избори ако сакате, ама подоцна, но не го казнувајте НАТО поради неа сега”.

Прокурзор на оваа изјава е манипулацијата/ заканата дека казнувајќи ја СДС=НАТО народот ќе си ја казни својата иднина. Интересно е како, американската политика не предупреди во времето на ,,шарената револуција” народот да внимава казнувајќи ја ВМРО да не ја казни Македонија, што всушност е најголемата загуба во македонското национално ткиво, затоа што оние што ја замразија ВМРО ДПМНЕ секојдневно докажуваат дека ја замразиле Македонија, што на парадоксален начин му признаваат на ВМРО дека се (за) Македонија.

Сега од народот се очекува да не ја казни СДС преку Референдумот и се потсетува што сè ќе загуби ако не се сообрази со тоа барање, а притоа не му се објаснува дека тоа што го нема (НАТО, ЕУ) не може да го загуби, но она што го има (Република Македонија, идентитет, јазик, историја) засекогаш ќе го загуби.

Целта на изјавата на Рикер не е само да агитира ЗА Референдумот. Таа има за цел да и’ порача на власта дека наместо решение на проблемот таа во очите на американската политика станала проблем што мора да се реши.

Доказ за тоа не е само оваа изјава, туку и коментарите во Радио Слободна Европа и Њујорк Тајмс. Американската политика не може да си дозволи поради една неспособна гарнитура да и’ пропадне целиот концепт.

Дали СДС со својата неспособност станува руски агенс? Ќе видиме. Но, американската отворена поддршка и со оваа изјава на Рикер, кажува колку им е важен Референдумот и колку им е неизвесна и кршлива тактиката и стратегијата во Македонија.

Тоа е шанса за СДС со успешен Референдум да проба на следните избори по уставните измени да ја продава ,,успешната приказна” за обезбедена светла иднина и така да се надева да избегне катастрофален пораз, па дури и да победи.

Ако и покрај тоа сепак не и’ успее да се спаси како партија и засекогаш да замине во историјата, Американците ќе немаат никаков проблем затоа што нема да морат да прават ,,услуги” за ВМРО да се врати на власт, па така со еден куршум ќе собораат два зајака, под услов ВМРО ,,мудро” (послушно?) да си ја одигра улогата, и во меѓувреме некој друг политички субјект да не го преземе приматот.

Слабоста на оваа замисла и сценарио е тоа што, истовремено, тоа е шанса и за #Бојкотирам а американската политика е многу добро свесна за моќта на разбудената анонимна креативна енергија распространета меѓу широките народни маси чиј мотив не се парите туку идејата за праведен свет!

Авторот е публицист и поет

SHARE