Бјадов: Ќе се бира меѓу пиле на рамо и гулаб на гранка, многумина ќе подлегнат

Пишува Трајче Бјадов

КУЧИЊА НА ПРОПАГАНДАТА

Кога Заев зборува со сигурност и убеденост, обично се покажува дека излегува по негово, а тоа обично значи дека има дил и дека некој му исцртал опсежен план. Да не го потценуваме повторно.

И да не го превидуваме фактот дека многумина меѓу нас, кои сè уште ги нарекуваме свои кога би бирале меѓу пиле на рамо и гулаб на гранка, би посегнале по покрупниот плен.

Веќе очигледно е дека кампањата про референдумот ќе се гради околу таа идеја. Ќе се рани таа стрв, ќе се пумпаат очекувањата, ќе се ветува Аркадија, и за жал многумина, соочени со тој избор и #Бојкотирам, ќе ја изберат погрешната страна.

Подоцна можеби ќе се каат, но важно сега ќе подлегнат. Тоа е повеќе од извесно. Последната анкета, дури и штелувана, покажува дека оние што ќе гласаат против, оние што ќе бојкотираат и оние што не знаат или не сакаат да кажат како ќе се однесуваат, имаат 51% наспроти оние кои целосно или делумно се за промена на името со цел влез во ЕУ и НАТО (49%).

Постои ли нешто што ќе ги сконцентрира и обедини тие гласови да прераснат во сила која ќе превагне и со поголем процент, освен пуста надеж!? Ќе бидеме соочени со немилосрдна кампања на терен, по медиуми и по тајни и подземни канали, со бројни притисоци, уцени и изнудувања. Ќе се фрлат многу пари да се затнат многу усти.

Ќе се бара најситен наизглед прекршок за да се оцрни нечиј карактер и углед. Црното ќе се прикажува бело и обратно. Што може да понуди #Бојкотирам, кога заразата е веќе пуштена?

Искрено, сметам дека не е потребно никој никого да убедува за она што е исправно и праведно. Но исто така знам дека на многумина начин на живот им е и покрај тоа што знаат дека нешто е погрешно, сепак да го направат токму тоа, затоа што така најлесно се снаоѓаат и од таквите ситуации очекуваат придобивки за себе.

А ако некој им вети дека ќе има и повеќе, ќе го изораат теренот да излажат, изманипулираат и расколебаат други и така да ја свртат ситуацијата на теренот во нивна полза. Веќе јасно е дека во таа игра се влезени таксисти, бербери, пазарџии, кафанџии… секаде и секој кој што има секојдневно контакт со многу луѓе.

Кучињата на пропагандата се пуштени. Познати удбашки методи. Наспроти тоа, мирољубивата, досетливата и по малку салонската кампања на #Бојкотирам, иако почна забревтано лесно може да загуби здив, особено ако остане само на социјалните мрежи.

Социјалните мрежи се некаков индикатор, но под услов ако условите на теренот се создадени и се поволни. И ,,шарените” долги години се трудеа преку социјалните мрежи да создадат клима и услови за нивна борба, но дури при случајот со Мартин Нешковски се почувствуваа релевантни и во таа екстаза се изгубија па се изнаредија една сурија статуси на твитер со фотографии каде во позадина редовно беше присутно знамето на твитер заедницата, придружено со текст кој воскликнува што твитер заедницата успеала да мобилизира критична маса за протести.

Но, дури ни тоа не ги воскресна како секојдневните протести по улиците и судирите со органите на редот, кои им овозможија истовремено да се почувствуваат како жртви и значајни, дека прават нешто големо и значајно. Иако беа масовно платени Ова овојпат нема да го има и не треба да го има.

Но доволно е да се следат изјавите на Заев, како тој има разбирање за забелешките на опозицијата и како тие можеби и се во право за некои работи, но ете тој не верувал дека некогаш во иднина ќе се создаделе поповолни услови за подобар договор.

И така, со тој ,,мирољубив” пристап го стеснува просторот за тензија, за револт и гнев кон него и неговата позиција, и што е уште поважно, навреме си ја зафаќа позицијата на жртва, така што некој ако каже нешто лошо против него или неговата политика, тој е лошиот, тој е неразумниот и ирационалниот, а народ кој е научен за ирационални проблеми и ситуации да зазема рационална позиција, премногу е да се очекува да се поведе по некој кој што ќе им се причини или ќе им биде прикажан како ирационален и кој ги води во авантура. Ништо не е готово, пријатели.

Да не се радуваме пред време. Потребни се рационални позиции и потребна е искреност кој боли до коска за да поверуваат што поголем број луѓе и да се разуверат плашливите и колебливите. Потребна е храброст и мудрост, но пред сè знаење и работа. И многу, многу среќа… Ќе ни треба.

П.С. И многу ми е страв од двојни играчи. Кои ветуваат многу, а не испорачуваат ништо. Само собираат релевантни информации и ги проследуваат таму каде што треба за да се притисне каде што ќе биде потребно. Не сум убеден дека Бојкотирам е имуно на тоа.

Авторот е книжевник

SHARE

Comments are closed.