Бјадов: Нагорна линија со ЕУ/НАТО и надолна со Русија

КАЗУЈ КРЧМУ ЏЕРИМО

Пишува: Трајче Бјадов

Значи, според Даниел Сервер, имаме надолна и нагорна спирала во поглед на излезното решение во врска со името. Надолна е, да го зачуваме идентитетот и името и така да сме се предале во рацете на Русија, и нагорна е преку Атина да се предадеме во рацете на ЕУ и НАТО, бришејќи го своето име и идентитет.

Знам дека многумина свесно ја одбираат нагорната спирала од погрешни причини. Знам и дека многумина ја одбираат надолната спирала од погрешни причини. Не се во прашање ни Русија ни ЕУ ни НАТО.

Проблемот е што, ние треба на ЕУ и Америка да им го разбереме и да им го решиме стравот и проблемот што го имаат со Русија, а тие не можат и не сакаат да го разберат и разрешат проблемот што Грција ни го создава и поради кој исчезнуваме. Значи, ние треба да се откажеме од себеси за да докажеме дека ги сакаме и дека сме вредни за нив, а тие сметаат дека тоа е нужен доказ за љубов, т.е. нивниот страв од Русија е поголем и повреден од љубовта што им ја нудиме. Со други зборови, тие можат без нашата љубов, а ние не можеме без нивниот страв. А би требало да е обратно.

Каква љубов е тоа, би се прашал секој разумен!? И што ни помага тука што Сервер ќе ни каже дека за ,,момците како него”, секогаш ќе сме граѓани на Македонија а јазикот македонски (но не и Македонци?) кога тој не е држава (освен ако смета дека е) и комуникацијата на државите со физички лица е во принцип на суперпозиција, уште повеќе кога вели дека тоа ќе биде така сè додека не побараме да престанат така да нè викаат.

Ова треба многу да ни каже: ,,момци како Сервер сè помалку ќе има” (тој и така е во поодминати години), а од нас ќе се очекува сами да побараме да престанат така да нè викаат, или барем ќе чекаат некои брзи нови генерации кои нема да знаат за некој друг идентитет освен новиот, самите да го побараат тоа како рецидив на едно минато, поранешно време.

Така заслужено, од ,,поранешна” ќе станеме ,,идна” држава. А можеби ни тоа. Каква и географска одредница да ни стават, од временската нема да можеме да избегаме, а тоа автоматски државата ни ја остава во времена состојба. Затоа, казуј крчму џеримо!