Бојко Борисов денеска во посета на Тирана

Бугарскиот премиер во главниот град на Албанија ќе учествува на состанок на Процесот Акаба заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама и кралот на Јордан Абдула II.

Процесот Акаба е серија меѓународни средби иницирани за првпат од кралот на Јордан Абдула II во 2015 година. Нивната цел е одржување на меѓународната и регионалната координација и соработка во борбата против тероризмот, екстремистичките идеологии и радикализацијата преку сеопфатен пристап.

Борисов ќе има и средба со Рама околу соработката помеѓу земјите од регионот на Западен Балкан и напредокот на патот на евроинтеграциите.

Односите Софија-Тирана особено се затоплени откако Албанија минатата година призна постоење на „бугарско малцинство“, но нема најави дека тој ќе се сретне и со некој претставник на новото малцинство.