Борко Ристовски од следната сезона на голот на Бенфика?

Португалскиот спортски весник „О жого“ пишува дека се очекува Борко Ристовски да го замени дресот на Барселона со тој на Бенфика и од следната сезона голманот на ракометната репрезентација на Македонија да брани за тимот од Лисабон.

Во написот насловен „Барселона се засилува од Бенфика“, весникот го претставува 35-годишниот македонски „министер за одбрана“ како играч со големо меѓународно искуство, со 118 одиграни натпревари и три постигнати гола за Македонија и 23 настапи за каталонскиот гигант во шпанската лига.

Борко има пет титули од македонскиот шампионат, од кои две со Вардар и три со Металург, една во германската лига со Рајн Некар Левен и две во шпанската со Барселона од последните две сезони. Во својата сениорска кариера има играно и за македонските клубови Македонија и Југ, во шпанските Теукро и Алгесирас, во германски Гумерсбах, накратко во катарски Ал Ахли и во француски Кретеј.

Бенфика чека на шампионска титула во Португалија од 2008 година, а пред две години го освои националниот Куп. На меѓународната сцена најголеми успеси ѝ се двете загубени финалиња во Челинџ купот во 2011 и во 2016 година, последното со колегата на Ристовски во македонската репрезентација Никола Митревски на голот.

Во разигрувањето за титулата во тековното португалско првенство Бенфика е трета, со четири бода помалку од водечкиот Спортинг и еден зад Порто.