Децата на возраст од 7 до 17 години наводно биле испратени во пет тајни терористички логори за обука на Исис во Косово од страна на нивните родители, пишува британски „Express“ повикувајќи се на извесен Драган Ѓокиќ, основач и претседателот на Центар за безбедност, истраги и одбрана (?!), кој ова тврдење го дал за локалните медиуми.

Секој камп, наводно, може да прими 60 деца, а најголемиот е наводно лоциран во селото Дебелде, источно од градот Качаник, на границата со Македонија.

Другите терористички кампови, наводно, се наоѓаат на ридовите во областа на градовите Призрен и Пеќ, градот Дечани и близу до патот Урошевац-Дечани во близина на градот Ораховац.

Во минатото, пишува британскиот весник, камповите биле искористени за обука на борци на Ослободителната војска на Косово (ОВК), а сега војниците на ИСИС ги користат за обука на деца  да користат оружје и експлозиви како и за борба во различни услови.

Ѓокиќ тврди дека децата во камповите ги учат радикални имами од Косово со цел да бидат обучени за терористички напади од џихадисти кои се бореле во Сирија. Тој вели дека камповите се „јавна тајна“ во Косово и дека многу родители доброволно ги испраќаат своите деца таму.

Косовските власти не ги коментираа тврдењата на Ѓокиќ, пишува „Express“.