Поранешниот македонски премиер и ексминистер за одбрана Владо Бучковски го обвини бившиот претседател на Владата, Никола Груевски, за „големата жртва за квалитет“ што Македонија ја прави со Преспански договор за промена на името.

„Болен е компромисот. Тоа е таа жртва, според мене, за квалитет. Македонија прави голема жртва. Ова е уникатен пример. Но, тоа беше нужно поради сите оние, според мене, луди десет години на владеењето на Никола Груевски, кога самите го загрозивме идентитетот“, изјави Бучковски во интервју за Бугарска национална телевизија (БНТ).

„Она што го имавме во 2008 година како пречка не беше преку ноќ измислено од Грците. Ние во 2006 година, кога дојде до промена на власта, имавме сигурен пат кон НАТО и кон Европска унија, ја имавме поддршката од меѓународната заедница, Грција беше наш пријател. Со антиквизацијата, со барањето на корените на нашите предци во антиката, ние го повампиривме национализмот во Грција, се доведовме во ситуација да ја изгубиме поддршката од меѓународната заедница“, дополни тој.

„Македонија е мала држава. Научи нешто во последната година. Тука јавно повторно да се заблагодарам за сета помош што ја даде бугарската Влада, пред сè, премиерот Борисов, и вашиот министер за надворешни работи Екатерина Захариева. Реално, за време на бугарското претседателство со ЕУ ние го направивме најголемиот исчекор, го затворивме ова прашање со Грција, но од друга страна ги отворивме перспективите за стабилизација на овој дел од Европа. Значи, Балканот не може да биде стабилен без стабилна Македонија. Затоа, јас сум убеден дека граѓаните на Република Македонија се свесни за жртвата што ја прават, но од друга страна нема алтернатива за Македонија. Ние мораме да бидеме дел од НАТО и од Европска унија за да престанат сите калкулации со нашата иднина“, заклучи Бучковски.