Американскиот аналитичар Јануш Бугајски оценува дека неуспешниот референдум за името на македонската држава ѝ оди во прилог на Русија, која, според него, се надева дека Македонија ќе се претвори во втора Република Српска.

„Ако се блокира македонскиот пат кон западните институции, националните тензии ќе пораснат во целиот регион. Кремљ ќе вложи дополнителна енергија да ги загрози кревките демократски достигнувања на Западен Балкана ЕУ и НАТО ќе бидат сè подалеку“, изјави тој за црногорскиот весник „Побједа“.

„Ако договорот (од Преспа) не биде поддржан, земјата ќе биде сè повеќе изложена на етничка радикализација, на регионална нестабилност и на мешање на Москва. Единствениот излез за Заев би можел да биде повик за вонредни избори во ноември, иако тоа само по себе претставува ризичен предлог, со оглед на тоа дека националистите се охрабрени со бојкотот на референдумот“, додава вишиот соработник во Центар за анализи на европската политика (ЦЕПА) од Вашингтон.

Бугајски смета и дека при евентуален договор меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на Косово, Хашим Тачи, за промена на границите, некои албански лидери и во Косово, и во Македонија, би можеле да видат шанса за понатамошна етничка хомогенизација и за поврзување на територии.

„Национализмот, сепаратизмот ќе ја направат државата многу подложна на влијанијата од Русија. Москва во Македонија гледа свое упориште за борба против НАТО и ЕУ. Кремљ може да смета дека Македонија би можела да прерасне во втора Република Српска“, заклучува поранешниот директор на Програма за нова европска демократија во Центар за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).

 

SHARE