Бугарски „24 часа“: Борисов и Заев јаваат бел коњ

Односите меѓу Бугарија и Македонија никогаш не биле толку добри, но тест ќе биде започнатото утврдување на историјата, констатира бугарскиот весник „24 часа“ во својот коментар.

Централно место во него имаат асоцијациите на ромската романса „Бел коњ“ во исполнение на македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски, која, според авторот, најдобро го одразува направеното во последните девет месеци меѓу двата соседа по „вина“ на премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев.

„Колку што е убаво да се јава бел коњ, толку е и тешко, зошто може да се падне од него. А невозможната едноставност на односите меѓу Борисов и Заев може многу лесно да биде упропастена. Во јуни треба да почне работата на меѓувладината комисија за разјаснување на заедничката историја. А научниците немаат поедноставена претстава за Кирил и Методиј како големи дипломати или како свети браќа, која ја проповедаат двајцата премиери. Со сигурност одново ќе почне копање во Илинденското востание, во коските на Самуил или во тие на Гоце, словенска ли е азбуката или, пак, бугарска. И какви ли уште не теми, кои некако во последните девет месеци беа прифатени како заеднички. И одеднаш врз белиот коњ може да се посипе кал. Која ќе извалка сè“, е заклучокот на коментарот во „24 часа“.