Бугарски дипломат: Јавноста во Македонија е 50:50 за договорот со Грција

Бугарскиот дипломат од кариера Валентин Радомирски во интервју за тамошната ТВ Европа оцени дека јавноста во Македонија е поделена во однос на договорот со Грција.

„Од социолошките истражувања што се спроведуваат сега во Македонија разбирам дека нештата се на кантар – 50:50. За разлика од Грција, каде што преовладувачкото мислење е против договорот“, изјави тој.

Поранешниот амбасадор во Романија и во Молдавија очекува Македонија на самитот на Европски совет следната седмица да добие датум за почеток на преговорите со Европска унија, а во првата половина од јули и покана за членство во НАТО, но е песимист за скорешна интеграција на земјата во ЕУ.

„Дури и да ѝ биде даден датум на Македонија за почеток на преговорите, тие може да се одложат како со Турција. Мојата прогноза е дека, според секоја веројатност, Западен Балкан ќе се најде во деликатна ситуација во која преговорите со тие земји ќе бидат многу долги. На шестата конференција на Бугарското дипломатско здружение пред два месеца заклучивме дека сите балкански земји, освен Србија, ќе бидат примени во НАТО многу наскоро, но од редица причини нивниот прием во ЕУ ќе биде под голем знак прашање“, објасни експертот за меѓународни односи.

 

SHARE