Бугарски ексдипломати го „растурија“ Борисов за бојкотот кон Иванов

Поранешните бугарски амбасадори Александар Јорданов и Велизар Енчев го критикуваа премиерот Бојко Борисов за откажувањето на средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов при неговата посета на Софија пред два дена.

„Така не прават европски лидери. Многу подобро ќе беше ако бугарскиот премиер ја претставеше бугарската поизиција во врска со договорот за името ‘Северна Македонија’“, изјави првиот амбасадор на Бугарија во Македонија, Јорданов, во денешната утринска емисија на приватната телевизија БТВ.

„Дали Борисов би се однесувал така и со грчката опозиција, која, исто како Иванов, е против името, но, пак, е дел од Европска народна партија (ЕПП). Во рамките на ЕПП Борисов е понизок од тревата“, рече ексамбасадорот во Загреб, Енчев, кој бојкотот кон Иванов го оцени како скандалозен. Според него, премиерот си дозволува такво однесување, зошто „се совпаѓа со позицијата на неговите господари во ЕУ“!.

Двајцата поранешни дипломати се согласуваат дека со договорот Заев-Ципрас си ги остваруваат интересите и Скопје, и Атина, а губи Софија.

„Грција и Македонија идеално си ги постигнаа целите. Грција го отсече како со нож сè она што може да биде македонска претензија кон антиката. Македонската страна, пак, ја заштити македонистичката теза дека Македонците претставуваат одделен народ, со различен јазик, култура и историја“, објасни Јорданов.

Од своја страна, Енчев е на ставот дека Бугарија допрва ќе се најде во ситуација да преговара за историјата со најголемите антибугарски македонисти, кои имаат на своја страна меѓународен договор, според кој се одделен народ. Според него, името „Северна Македонија“ содржи територијални претензии спрема Бугарија.

 

SHARE

Comments are closed.