Популарниот бугарски новинар и публицист од ерменско потекло Кеворк Кеворкјан се приклучи на одиумот во Бугарија по изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дека Илинденското востание е македонско, барајќи замрзнување на договорот со Македонија додека нејзиниот парламент не се изјасни за востанието!

„Сега ни останува една последна шанса – за да стане јасно кому му е мила вистината. Замрзнете го Договорот (со Македонија – н.з.) додека не добиеме официјална изјава од македонскиот парламент за Илинденското востание. Зошто Заев и во денешната своја изјава пак ‘врти’ – никој не го прашува дали ‘пријателството’ ни е искрено, туку зошто краде цело востание. Но, за тоа тој молчи.

А тапанарите околу Бојко да не му дошепнуваат да биде ‘дипломат’ – силата во овој случај е кај него. Но, треба да даде официјална изјава – не од некоја плажа, туку од својот кабинет, кратко и јасно: Бугарија уште отсега изјавува дека нема да ја поддржи МакедонијаНезнамКакваси ниту за НАТО, ниту за Европска унија.

Освен ако во најкратки рокови јасно и категорично МакедонијаНезнамКакваси не изјави пред Европска комисија од кои свои претензии кон бугарската историја се откажува еднаш-засекогаш. Пред Еврокомисијата – бидејќи таа има севозможни комесари, дури и за потрошувачка – на неа да ѝ дадат да следи не само како се употребуваат лажните продукти за исхрана, туку и како се употребува најсветото: историјата“, пишува Кеворкјан на својот профил на „Фејсбук“.

Авторот и водител на емисијата „Секоја недела“, најпопуларна програмска содржина во историјата на Бугарска национална телевизија (БНТ), која со прекини поради слободно изразените ставови се емитувала од 1979 до 2005 година, во продолжението го нарекува Заев „шашмаџија“ и „ситен измамник“.

„Глупаво ли ви изгледа ова? Е, да, зошто сте големи мудреци – затоа и еден шашмаџија како Заев ве врти меѓу прстите како рѓосано синџирче.

А Бојко насамо да им каже на своите натовски/европски претпоставени дека Заев не заслужува никаква доверба, по никаков повод – тој е ситен измамник подготвен секогаш да мами“, заклучува Кеворкјан.

 

SHARE

Comments are closed.