Толкувајќи ја поддршката од мнозинството бугарски граѓани за Македонија во спорот со Грција за името, Парван Симеонов од „Галуп интернешенел“ заклучува дека „Бугарите застануваат на страната на своите браќа од Македонија“.

„Сите овие децении во кои минатата политичка елита во Скопје се обидуваше да нè раздели, не ни повлијаеја и ние, граѓаните на Бугарија, го зачувавме искрениот и пријателски однос кон граѓаните на Македонија. Бугарите застануваат на страната на своите браќа од Македонија. Тоа не значи дека сме против Грција. ‘Работат’ оние пријателски, искрени чувства, кои не беа избришани и добија рестарт со овој пробив во односите меѓу двете земји“, изјави Симеонов за телевизијата БТВ во врска со резултатите од анкетата, кои покажуваат дека во спорот за името 58 проценти од Бугарите се на страната на Македонија, а 15 отсто на страната на Грција.

„Има недоверба кон старата политичка елита. Народот во Македонија го прифаќаме како близок“, дополнува социологот, според кој важно е Бугарија да стане „застапник на Македонија за нејзиното преминување во западниот свет, во ЕУ еден ден и во НАТО побрзо“.