Бугарски тајкун близок на Борисов е заинтересиран за ФК Вардар

Контроверзен бугарски бизнисмен, човек од доверба на Бојко Борисов на пат да го купи Фудбалскиот клуб Вардар. Според извори на Алфа во Софија, Александар Сталиски кој во Бугарија важи за, најблаго речено, компромитирана личност покажал сериозен интерес да го преземе најтрофејниот и најпопуларниот македонски фудбалски клуб.

Дел од бугарските медиуми го претставуваат Сталиски како „личен перач“ на пари за партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов . Во бројните скандали поврзани со неговото име се споменуваат рекет, изнудување на милионски суми на пари, шверц на оружје, гориво и наркотици, малтретирање на конкуренцијата и други криминални дејства, но бугарските медиуми пишуваат дека поради неговото пријателство и соработка со бугарскиот премиер, службите немаат храброст да сторат нешто во насока на докажување на сите овие наводи.

Самиот се претставува како спортски фанатик, и неофицијално тој е вистинскиот сопственик на бугарскиот гигант Левски. Со Бојко Борисов се запознале токму на трибините на Левски, бидејќи и двајцата биле заколнати навивачи на овој познат бугарски клуб. Неговиот истоимен татко своевремено бил министер за одбрана во Бугарската влада, но синот одбива да се меша во политика и се интересира само за спорт и за бизнис. Во момент кога Вардар е во голема криза, а неговиот долгогодишен спонзор Самсоненко наводно заминува, Сатлиски поверувал дека е вистинскиот момент да влезе во македонската фудбалска гордост.