Бугарскиот омбудсман отвори канцеларија во – воз!

Народниот правобранител на Бугарија Маја Манолова, остана без службен автомобил, во рамки на мерките за штедење во Националната служба за заштита.

По одлуката да не ѝ се дозволи да користи официјален автомобил, потег што според бугарскиот министер за финансии е дел од намалувањето на трошоците, 53 годишната адвокатка и поранешен пратеник од редот на социјалистите, за медиумите изјави дека ќе почне да патува со автобус и воз за да ги извршува своите обврски.

Вчера, таа од Софија патуваше со автобус до Сатра Загора, а денес патува со воз за Варна, што предизвика огромен интерес кај граѓаните и медиумите.

„ … ќе отвориме приемна соба во возот Софија-Варна за да ги пополниме осумте часови патување. Размислувам билетите на граѓаните кои ќеја користат приемната соба во возот да ги прокнижам и да ги пратам на министерот за финансии, бидејќи луѓето не се обврзани да плаќаат за средба со било кого“ објасни бугарскиот народен правобранител.

Манолова објасни дека доколку таа може да си ја врши работата со јавниот транспорт, ќе иницира кампања со која ќе ги повика сите претставници на државните институции да слезат од службените автомобили и да користат јавен транспорт.

На 1 ноември, министерот за финансии, Владислав Горанов изјави дека Националната служба за безбедност (НСО) е „една скапа такси компанија“ и токму затоа во новиот буџет оваа практика се суспендира”.