Поранешниот претседател на Црна Гора, Момир Булатовиќ, во својата најнова колумна за „Спутник“ пишува за Косово од аспект на „Голема Албанија“, при што и Македонија ја става во пакет со „послушните политички гарнитури што мора да паднат пред решителноста на народот“!

„’Голема Албанија’ е можеби нечиј сон, но таа е суштински тешка ноќна мора. Македонија, Грција и Црна Гора, кои во моментов се мирни и несолидарни со официјален Белград, не можат трајно да останат во таква состојба. Посебно не кога ноќната мора ќе почне да се преточува во кошмарно јаве. Послушните политички гарнитури мора да паднат пред решителноста на народот да го брани своето вековно постоење“, пишува претседателот на Црна Гора од 1990 до 1998 година.

„Некои вистини се сурово едноставни. Како онаа дека уставот на секоја држава е документ што претставува сидро на секоја власт. Тој е израз на политичката гравитација, бидејќи го држи на место и го ограничува степенот на слобода на политичкото движење. Без оглед што некој понекогаш помислува дека тоа е ‘мртва буква на хартија’“, заклучува премиерот од 1998 до 2000 година на некогашна СР Југославија, државна творба што по распадот на СФРЈ ја сочинуваа Србија и Црна Гора.