Чаусидис: Владата за кампањата од пари на сите граѓани ќе плати на избори

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари Тамара Чаусидис се вклучи во јавната дебата за финансирањето на кампањата за референдумот и другите теми околу кои се судрија македонските новинари и медиумски работници.

“Мислам дека на некој кој не е упатен во медиумската сфера речиси му е невозможно да разграничи за што всушност водат дебата Атанас Кировски, Бранко Героски и Насер Селмани.

Она што е видливо на прва е дека се води ад хоминем и дека не се штеди на навреди.Оттаму неупатените ќе речат „еве ги очи си извадија“ и ќе заклучат дека сме арогантни, безобразни и алчни (во зависност на чија страна ќе отиде наклонетоста).

Тонот од статус во статус се менува и засега всушност истовремено неколку прашања кои не нужно се поврзани:

– статусот на интернет порталите (да бидат регистирани или не, да бидат регулирани со закон за медиуми или не)
– буџетски пари за референдумска кампања „за“ што ќе одат во приватни медиуми од страна на Владата

– пари што им припаѓаат на партиите од буџетот што ќе одат на предизборни кампањи во приватни медиуми

– начинот на кој се раководи и функционира ЗНМ
Бидејќи првично бев прозвана од страна на Саки кој ме врами во реченица „ако Владата оди по паметот на Насер и Тамара“ со други зборови ако оди по паметот на оние шајшутки далеку ќе стигне ајде и јас да пишам некоја. Ондапред велам, немам намера да дебатирам ад хоминем и да одговарам на реакции под пристојно ниво на комуникација.

– За порталите и нивната регулација. Не сме кажале ништо ново ако кажеме дека тие генерално не се регулираат, не затоа што другите држави се фини па се воздржуваат туку затоа што е неможно. Доволно е да се регистрира портал надвор од земјава и готово, нашите закони врз нив не важат.

Така што приказните дека регистрацијата и регулацијата ќе спречи навреди, лажни вести и слично не држат.Но тоа не значи дека нема решение за нив. Синдикатот се залага сериозно да почнеме да наоѓаме самите начини како ќе ги оделиме лажните медиуми од вистинските.

Советот за етика има критериуми кои што се минумум што треба еден портал да задоволи доколку сака да биде третиран како медиум (импресум, почитување на етички кодекс, транспарентна сопственост и слично).

Таквите интернет медиуми треба да бидат препознаени како медиуми и со тоа да се стекнат со право за акредитација, колективна заштита, учество во еснафските организации, позитивна дискриминација во случај на тужба за клевета.

Што се однесува до рекламите споредба на заработката на портал и национална телевизија е навистина несоодветна. Малите портали не се никаква конкуренција на големите медиуми. Многу портали кои функционираат како медиуми или креатори на јавно мислење се всушност блогови, а не алатка за заработување на наши колеги ( од големите медиуми)кои останале без работа,но сакаат и натаму да бидат присутни со својот новинарски ракусрс во дневните случувања.

Се додека имаат време, енергија и публика, ја не гледам зошто би им го забранувале тоа или би барале од нив да се однесуваат како фирми. Ако копираат туѓи содржини и фотографии – има Закон за авторски права, ако навредуваат има Закон за клевета и навреда, ако шират говор на омраза има Кривичен закон, ако заработуваат ќе плаќаат данок и да не набројувам.

И тука ќе запрам оти само оваа тема заслужува посебна дебата. Јас се надевам дека ќе имаме можност во живо и да ја направиме. Можеби кога ќе се гледаме во лице, а не задскриени зад сопствените монитори, ќе затапи и навредувачкиот тон.

Второ, за кампањата за референдумот.

Таа ќе се финансира, и тука Владата е непоколеблива, со буџетски пари, значи на сите граѓани, независно дали се тие за, против или за бојкот. Логиката е, претпоставувам, дека станува збор за тема од врвен национален интерес и оттаму нема простор за фемкање со принципи. Референдумот морал да помине.

Владата се разбира може да стои на оваа позиција и цената за тоа ќе ја плати на следните избори. Еснафските организации имаат должност да останат принципиелни. Ниту продаваат рекламен простор, ниту се самите во кампања. Фактот дека буџетски пари ќе бидат потрошени за прашање на кое не сите (затоа е впрочем и референдум) имаат ист став останува дамка и преседан што оваа Влада, но и ние како општество во иднина ќе ја платиме. За оние кои не ме разбираат – замислете Влада која смета дека е од врвен национален интерес забрана на абортус и плаќа кампања од буџетски пари за тоа.

Владата на Груевски измисли фантомски невладини организации барем формално да си го скрие образот. Или Влада што ќе се залага за шеријатско право во Македонија. Намерно избрав радикални примери.

Се оддолжи постот, а тек сум на пола. За партиското рекламирање во предизборието. Делува ригидно барањето, навистина, но има сериозни аргументи. Прво што ќе речат оние што го застапуваат тоа рекламирање е: па каде сте виделе таква забрана? Одговорот е: во Англија, Белгија, Франција, Шпанија, Данска, Шведска, Ирска…

Тој тип на рекламирање е дозволен во: Германија, Италија и Полска на пример. Значи нема унифициран модел. Македонија, по се што помина, има потреба од де-клиентелизација на медиумите, особено на големите медиумски куќи каде што спаѓаат секако и националните телевизии. Секогаш кога ќе чујам залагање за пари во телевизиите (оти продажбата на рекламен простор на фирми не се прави со јавни изјави, преку здруженија и дебати по социјални медиуми) во сеќавање ми доаѓаат „бомбите“ и не можам навистина да се дистанцирам од чувството дека праксата ќе продолжи и дека навистина сите ние заедно мораме да сториме нешто тие и такви разговори никогаш повеќе да не се водат. Оттаму е и, ако не се лажам, предлогот на ЗНМ тоа да биде времено, а не трајно решение.

Ние колеги, излегуваме од еден навистина долг и трауматичен период. Потребни ни се чекори кои нема да бидат популарни, но ќе спречат или ќе искоренат девијации што системски ни се веќе вградени, медиумите да имаат партиски патрон и од него да чекаат помош. Не тврдам дека сум во право, и ова е сериозна тема за дебата и анализа.

Последната тема е начинот на кој се менаџира ЗНМ. Јас не сум во Управниот одбор на ЗНМ не знам колку често се гледаат и дали за се се договараат. Но едно ќе ви кажам – една организација е активна и демократична онолку колку тоа членството го бара и дозволува. Пасивни, незаинтересирани членови, особено оние што се нафатиле да бидат во раководството, создаваат ситуација која делува недемократична.

И тоа не е само по вина на оној што ја води.И уште нешто, многу ми е жал, ако навистина како што тврди Селмани, членовите на УО ги застапуваат ставовите на менаџментот на медиумите во кои што работат. Колеги, медиумите се менуваат, тоа се само фирми во кои работите моментално, професијата е вашиот идентитет, од неа го црпите интегритетот.

Кога носите одлуки, не тргајте од сопствен интерес туку од интерес на професијата која за голем број, чест на исклучоци, сопственици е само „нужно зло“, алатка за профит и пазарење. Ние, новинарите сме носители на основната дејност на медиумите, не можат без нас, да можат одамна ќе не немаше.

Ако работите во медиум во кој ги уживате сите права, мислете на оние кои ја немаат таа среќа, на оние кои чекаат директорот или газдата да им дозволи нешто да објават и борете се да се создадат услови тоа да не може да се случи.

Фејсбук статус на Тамара Чаусидис
Претседател на Синдикатот на новинари

SHARE