Новороденчето Кристофер Павлоски е топ тема деновиве во Ливерпул благодарение на несекојдневното совпаѓање на неговиот ден и датум на раѓање со тие на татко му Филип и на дедо му Киро, можност да се случи со веројатност од 1:48 милиони!

Малиот Крис се родил во саботата на 6 октомври во болницата „Ероу Парк“, ден и датум кога дошле на свет и татко му Филип во 1984 година, и дедо му Киро во 1956 година! За да биде чудото поголемо, сестрата на мајката Цветомира, Тања Колева, исто така е родена во сабота на 6 октомври, 1983 година!

Физикалниот терапевт Филип, кој работи во болницата „Ројал Ливерпул“, за „Ливерпул ехо“ раскажува: „Како датум на породувањето ни беше одреден 1 октомври и си реков: ‘О.К., токму пред мојот роденден’. Но, поминаа и 2 и 3 октомври и – ништо. Конечно, ја примија на 5 октомври. Помислив дека бебето ќе го утне мојот роденден, но следното утро малку по 9 часот тоа се роди по природен пат. Кога му кажавме на персоналот, не можеа да поверуваат. Рекоа дека тоа е толку лудо и оти никогаш не слушнале за вакво нешто. Рекоа дека треба ова да го раскажам во весник. Не виделе вакво нешто досега во нивните животи“.

Неверојатната коинциденција го зголеми значењето на среќниот ден за македонско-бугарската брачна двојка, која се доселила во Велика Британија пред три години, првично живеејќи во Вирал пред да се преселат во центарот на Ливерпул.

Филип вели дека тој и 31-годишната Цветомира, туристички агент, се обидувале да добијат дете две години, пред да им биде сугерирано да пробаат со ин витро.

„Се обидувавме да имаме бебе неколку години, но не се случи ништо. Докторот ни рече дека ќе ни треба третман со ин витро, бидејќи имаме само 30 проценти шанси за да добиеме бебе по природен пат. Имавме закажано за 8 март, но направивме тест за бременост неколку дена претходно и откривме дека таа е бремена!“, раскажува тој.

Таткото на 34-годишниот Филип, Киро (62), кој живее во Македонија, се расплакал кога му ја кажале радосната вест.