Ципрас: Грција не беше под притисок да постигне договор со БЈРМ

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги отфрли тврдењата дека неговата Влада била принудена од други земји за да постигне договор со Македонија за нејзиното име.

„Никој не нè притискаше околу ова прашање. Ја зграпчивме можноста понудена од политичката промена во соседната земја“, изјави тој на прес-конференција во Солун.„Претходните години имавме националистички лидер во БЈРМ, кој не само што не сакаше да зборува за промена, туку сакаше да ја краде историјата секој ден и да ги полни градовите со (статуи на) Александар Велики и на Букефал“.

Ципрас додаде дека, кога „прогресивната влада“ на Зоран Заев ја презеде власта во Македонија, се отворил прозорец на можности и двете страни почнале разговори.

„Дали ова решение задоволува други меѓународни играчи е друго прашање“, рече тој.

Прашан да ја коментира изјавата од американскиот помошник државен секретар за европски и за евроазиски прашања Вес Мичел дадена минатиот месец дека дипломатијата на САД одиграла „водечка улога“ во решавањето на грчкиот проблем со македонското име, Ципрас повтори дека неговата Влада не била под притисок од никого.

„Грција е суверена држава во срцето на Европска унија и ние не прифаќаме сугестии од никој. Ние бевме тие што ја презедоа иницијативата“, изјави грчкиот премиер.

 

SHARE

Comments are closed.