Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска од Брисел порача дека ќе ја извршува и функцијата министер за надворешни работи по оставката на Никос Коѕијас сè додека процесот за одобрување на Преспански договор не биде успешно завршен.

Коѕијас неочекувано си даде оставка во средата, станувајќи првата голеам политичка жртва на кампањата на Ципрас за ставање крај на повеќедеценискиот спор за името со Македонија.

Досегашниот шеф на грчката дипломатија беше главен преговарач на својата земја за договорот што предвидува преименување на соседот во Северна Македонија, а се повлече по кавгата со министерот за одбрана Панос Каменос на владината седница во вторникот.

Сепак, Ципрас ја отфрли опцијата за предвремени избори по оставката на Коѕијас, тврдејќи дека Владата на неговата СИРИЗА со Независни Грци на Каменос сè уште има мнозинство во Парламентот. Неговата администрација има поддршка од 153 пратеници од вкупно 300.

Премиерот на јужниот сосед формално ќе ја преземе и функцијата министер за надворешни работи утре, а изрази намера и понатаму да се советува со Коѕијас околу надворешната политика.

 

SHARE

Оставете Коментар