Ципрас потврди дека се брише „македонска“ од „црквата на северниот сосед“

Во одговор до лидерот на опозицијата Мицотакис грчкиот премиер Ципрас вели дека Македонската православна црква (МПЦ-ОА) испратила писмо до Вселенската патријаршија во кое се откажува од придавката Македонска.

Ципрас тоа го поврзува со развојот на настаните во спорот за името.

МПЦ-ОА наводно побарала ново име, кое нема да го содржи терминот Македонија, а според посоченото, МПЦ-ОА побарала свое преименување во „Охридска и на Јустинијана Прима архиепископија“.

Писмо до Вселенската пристигнало и од македонскиот премиер Зоран Заев, кој побарал од Синодот на Вселенската патријаршија да ја врати МПЦ-ОА во канонскиот поредок под името Охридска архиепископија.

„Светиот синод на Вселенската патријаршија го разгледа барањето на расколничката црква на Скопје, поткрепено со писмото на премиерот на БЈРМ, Зоран Заев, кој побара од Цариградската патријаршија да преземе иницијатива за враќање на шизматичката црква во канонскиот поредок под името Охридска архиепископија“, наведено е во соопштението на Вселенската патријаршија.

– Ние сме свесни дека Грците многу тешко ќе нè признаат под името МПЦ, но сепак Охридска архиепископија претставува една историја и за нас е достоинствено име. Јас не знам какво писмо испратил премиерот Заев, но ние сме возобновувачи на ОА во лице на МПЦ, па ако ни ја признаат ОА, тоа ќе значи дека имаме 1000-годишна историја. Секој што барем малку размислува треба да биде благодарен ако ни ја дадат ОА, отколку МПЦ, која е создадена во 1946 година – објаснува г.Тимотеј за Слободен Печат.

SHARE

Comments are closed.