Циркус со препораката – Пишува Роберт Димитриевски

Море, море, што врева се крена со препораката од Европска комисија за почеток на преговори со Македонија за членство во Европска унија. Па тоа насмевки од уши до уши на Заев, Димитров, Османи, Шекеринска, па тоа мавање в гради со „кристално чистата и безусловна“ препорака како награда за самопрегорот и целосната посветеност на реформите во „заробената држава“, па тоа пофалби од дузина еврофункционери и од челници од соседството. Сите среќни, „раздрагани“, еуфорично расположени, мислиш Македонија лансирала сателит во орбитата, измислила лек за рак или фудбалската репрезентација ѝ станала светски шампион.

А сè што се случило е што добила уште една препорака, и тоа осма позитивна, не прва. Јак штик. Државата со најдолг стаж во чекалницата на ЕУ за датум за преговори, кој го чека од веќе далечната 2005 година, кога доби статус кандидат за членство, се отепа од славење нова таква хартија. А Заев високо ја крена папката во воздухот пред еврокомесарот Хан, небаре добил Нобелова награда или станал претседавач на Совет за безбедност на Обединети нации.

Во новинарството не е вест ако куче касне човек, туку обратно. Така и со препораката. Иако е несомнено добро што земјава доби признание за напорите да се интегрира во ЕУ, самото добивање на препораката не е никаква вест, уште помалку повод за сеопшта народна веселба. Вест ќе биде ако таа резултира со одлука на Европски совет во јуни за почеток на преговори.

Токму тука и лежи зајакот. Препораката е само охрабрување за отстранување на клучната пречка за датум за преговори – ветото на Грција, за што двете страни во разговорите за разликата за името на Македонија имаат два месеца. Од серијата забелешки во неа може да се види дека таа ниту е кристално чиста, уште помалку безусловна, ако се има предвид главниот услов – промената на името, а во пакет можеби и на Уставот и на идентитетските обележја на македонскиот народ. Оттука и акцентот на пораките од Хан, Могерини и од другите евробирократи е врз поттикот со влевање оптимизам за можноста од изнаоѓање „заемно прифатливо решение за името“ до заседавањето на Европски совет во јуни.

А за фалбите на премиерот дека максимално сработиле во овие речиси 11 месеци на власт или на вицепремиерот Османи дека од планот 3-6-9 се остварени 90 проценти, најдобро е да се прашаат што мислат граѓаните. И тоа оние што не се во никаков „аранжман“ ни со власта, ни со необично конструктивната опозиција, која со своето дејствување во последно време, целосно спротивно на тие што до вчера шараа споменици и државни објекти и што напаѓаа полиција, ги става во тешка дилема избирачите зошто би гласале баш за нив, а не за овие другите.

За тоа колку „тежи“ препораката, доволно е секој да си одговори објективно на неколку прости прашања: се живее ли сега подобро отколку лани (ако одговорот е „да“, како тогаш растот на бруто домашниот производ е нула?), се зголеми ли животниот стандард (не само просечната плата номинално, според методологијата на „бруто-нето Данска“, туку и реалната куповна моќ), нема ли сега политички убиства (овие меѓу членови и функционери на ДУИ какви се?), во болниците нели се умира повеќе (а рекордната смртност на новороденчињата?), лекарите добија ли 100.000 денари плата, а работниците 500 евра во просек, граѓаните на крајот од годината добија ли поврат на 15 проценти од платеното ДДВ, колку нови странски инвестиции дојдоа, се вратија ли 600.000 млади што ја напуштиле земјата, функционира ли правната држава (што е со случаите „Пајак“, „Монструм“, „Алмир“?), се намали ли администрацијата и има ли партизираност и непотизам при вработувањата (а децата на Таљат и на Грчев?), се носат ли законите во легална процедура (на пример, Законот за употреба на јазиците) итн.

Ако одговорот на најголемиот дел од овие прашања е „не“, тогаш јасно е зошто е позитивна препораката и зошто тие што ја дадоа не навлегуваат во детали, освен што од уста не го вадат спорот за името. Ако, пак, одговорот е „да“, тогаш нема потреба ни од препорака, ни од преговори, а богами ни од членство во Европска унија, зошто со така „спастрена“ држава каква што ветуваа тие што се сега власт додека беа во опозиција, најчесто на улица, чуму ни е ЕУ? Па ние, значи, веќе живееме како да сме со децении дел од толку фалениот економски развиен, ем демократски Запад. Само не сме свесни?!

 

3 Коментари

  1. Не постоји решение за името! Идентитетот е непроменлив и неменлив! Не можи да се замени со друг!

Comments are closed.