Црногорски пратеник: Со Заев, Македонија стана посилна и постабилна

Дритан Абазовиќ, лидер на Граѓанско движење „Обединета реформска акција“ (УРА) од Црна Гора, го затрупа со комплименти Зоран Заев на средбата со македонскиот премиер во Скопје.

„Сакам да Ви честитам за две работи. Прво, успеавте да ја смените власта не ширејќи конфликти, иако, поради недостиг на политичка култура, Вашиот претходник не сакаше на мирен начин да си замине од власт. И второ, за разлика од повеќето балкански лидери, веднаш се фативте во костец со најголемиот проблем на Македонија, а тоа е решавањето на деценискиот проблем со Грција“, му се обрати Абазовиќ на Заев.

Најмладиот пратеник во црногорскиот Парламент, во кој неговата партија има две места од вкупно 81, на својот македонски соговорник му рече и дека Македонија е пример дека демократијата е можна и оти новите политички елити можат ефикасно да ги решаваат проблемите.

„Пред две години бевте на работ на конфликт, а сега сте фаворит на сите партнерски држави. Му докажавте не само на регионот , туку и на ЕУ, колку промените се всушност благотворни за едно општество. Откако дојде новата власт, Македонија не исчезна, како што тврдеа вашите противници, напротив, стана посилна и постабилна. Се надевам дека овој пример ќе го следат и многу други земји во регионот. Дека сите, а посебно ЕУ, ќе сфатиме дека само нови политички елити можат да ја остварат европската визија на регионот и оти на корумпираните лидери не им е местото на државни функции“, додаде Абазовиќ.

 

SHARE

Comments are closed.