Црвенковски уште во 2008 дал идеја за референдумско прашање

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски уште во 2008 година ги дал контурите како би изгледало референдумското прашање во случај на постигнување на договор за името со Грција околу што, тој лично се сомневал.

Во тајниот допис од американската амбасада, а потпишан од тогашната амбасадорка Џилиен Миловенивиќ, објавен вчера од Викиликс, меѓу другото се вели:

„Црвенковски,исто така, е загрижен дека дури и во неверојатен случај Караманлис (грчки премиер 2000-2009) да прифати разумен предлог за името (1) Груевски ќе побегне од одговорност за склучување на договорот и (2) ако не успее да избегне одговорност ќе оди на референдум БЕЗ препорака јавноста да гласа.

Резултатот од референдумот би бил помогнат со повеќепартиска поддршка во Македонија, но (референдумот) навистина ќе зависи од прашањето.

Тие ќе добијат “за” ако прашањето е:

„Дали сакате да влеземе во НАТО и да почнеме преговори со ЕУ? под името Република (Северна) МК?“

Ќе пропадне, ако прашањето е „дали сакате да го предадеме уставно име во корист на … “

(3) Груевски не гледа на ЕУ и на НАТО како доволно висок приоритет за да ризикува поддршка на одлука или референдумско да.

Во анализата на разговорите со тогашниот претседател Бранко Црвенковски, американската амбасада вели дека за претседателот е неприфатлива употреба на можното ново име за целосна меѓународна комуникација (предложено од посредникот Нимиц), како и дека е апсолутно смешна идејата за каква и да е формулација која би ги присилувала Македонците самите да се нарекуваат било како поинаку.

„Едно е да се дискутира како другите ќе ја нарекуваат Македонија и во кои случаи, но сосема друго и сосема неразумно е да се дискутира за диктат за тоа како Македонците се нарекуваат самите себе си“, рекол тогаш Црвенковски.

Што се однесува до македонската нација и јазикот, Црвенковски сметал дека е добра идејата тоа прашање да го реши Советот за безбедност на ОН со некаков апендикс), со што Грција би си го спасила образот.

SHARE

Comments are closed.