Цуцуловски: Македонијо, сите некаде одат. Кон што тебе те водат?

Професорот Љубомир Цуцуловски на својот профил на „Фејсбук“ го прокоментира вчерашниот Отворен ден на АРМ во скопскиот Градски парк по повод Денот на Армијата.

„ДВЕ СЛИКИ И ЕДНА ПРЕСМЕТКА. Денес, помеѓу другото, имав можност да видам две слики и да направам една пресметка.

СЛИКА ПРВА. На една манифестација, организирана од власта, гледам оклопно возило. Покрај него пет-шест годишно дете, со невино лице и со војничка беретка на главата. Прашано зошто е овде, вели дека кога ќе пораснело би сакало да биде војник.

СЛИКА ВТОРА. На истата манифестација се гледа млада девојка со пушка во рацете. Прашана кое ѝ е најомиленото оружје – значи, не кое ѝ е најомиленото цвеќе, филм, песна, книга, момче – одговара дека ѝ се пушката ‘калашников’ и снајперот. Околу неа и многу други млади, со оружје во рацете.

ПРЕСМЕТКА. Пресметувам, онака од глава, колку чинат милион евра. Помеѓу другото, тоа се 1.000 евра за 1.000 земјоделски семејства, со кои може да се поддржи (нека биде и осема скромно) нивното производство.

Размислувам за претходното и се прашувам дали ќе се огласи некоја од бројните НВО-а, заинтересирани за пацификација наместо за милитаризација, кои се исто така загрижени за злоупотребата на децата во какви било кампањи или манифестации. Размислувам за што сè реагираше Хелсиншки комитет за човекови права, како и Омбудсманот на Република Македонија. Додека размислувам, од некаде допира до мене тажно-нежната, меланхолична мелодија на изманипулираните војници од Втората светска војна, кои гинеа по боиштата и калиштата низ светот, додека нивните газди го делеа воениот плен – насмеани и самозадоволни.

Македонијо, сите некаде одат. Кон што тебе те водат?“, напиша Цуцуловски.