Да се биде или не за „Илинденска Македонија“ во Њујорк

И покрај негативните реакции од Атина, македонскиот владин врв инсистира на сопствениот предлог „Илинденска Македонија“ за ново име на државата, кој министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе го брани денеска и утре во Њујорк на новата рунда разговори со грчкиот колега Никос Коѕијас, а со посредништво на медијаторот Метју Нимиц.

Димитров, премиерот Зоран Заев и вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи по самитот во Софија го промовираат ставот дека предлогот-пакетот за решение на речиси тридеценискиот спор го заштитува идентитетот на македонскиот народ и го одразува мултиетничкиот карактер на државата. За нив, ова е понуда „земи или остави“, нагласувајќи дека само за овој предлог ги прифаќаат грчките барања за ерга омнес и за промена на македонскиот Устав.

Грција, пак, го поздрави „омекнувањето“ на македонската позиција за тие два услова, но бара враќање на разговорите околу четирите предлози на Нимиц за додавки на името Македонија – „горна“, „северна“, „нова“ и „вардарска“.

Шефот на македонската дипломатија, кој вчера беше примен од генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, пред некој ден најави оставка ако не помине „Илинденска Македонија“.