Дали Трамп ќе ги повлече американските трупи од Германија

Пентагон ги анализира трошоците на натамошно останување или на евентуално повлекување на американските трупи стационирани во Германија, во услови на зголемени тензии меѓу претседателот Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел.

За Трамп се вели дека бил изненаден од големината на американското присуство – околу 35.000 активни војници – и се пожалил дека другите земји не придонесуваат доволно за заедничката безбедност и за трошоците на  НАТО, пишува „Вашингтон пост“.

Весникот пишува дека ова ги вознемирило европските официјални лица, кои се обидуваат да утврдат дали Трамп има намера да ги репозиционира американските сили или е само тактика за преговори пред самитот на НАТО во Брисел, каде што Трамп повторно ќе ги критикува американските сојузници за недоволното одвојување средства за трошоците за одбрана.

Во 1955 година, тогашната Сојузна Република Германија се приклучи на НАТО и на територијата на Западна Германија беа распоредени единици на седмата американска армија, чиј број во средината на Студената војна надминувал 200.000 војници.

По повторното обединување на Германија во 1990 година, бројот на американски војници во западна Германија падна на неколку десетици илјади.

Оставете Коментар