Дарко Митревски му за’ржа на Јани Бојаџи: Правиш грешка со “Ругање на Христос”

Режисерот на Трето Полувреме и Балкан Кан, Дарко Митревски му се обраќа на колегата Јани Бојаџи чиј филм “Ругање со Христос” е цензуриран од Министерството за култура и премиерот Заев.

Митревски бара Бојаџи да се откаже од идејата да го повлече филмот од меѓународните фестивали на кои бил примен.

Во писмото до Бојаџи, Митревски му дава силна поддршка.

“Почитуван колега, Не знам кој од нас двајца е попаметен или пак поталентиран… Но знам кој е потепано куче.

И откако ќе ти го упатам мојот почесен лавеж во знак на поддршка и тивко цвилење во знак на сочуство заради сето ова што ти се случува, ќе си дадам за право (ко и секоја џукела што би си дала за право, без да праша за дозвола) да ти зар’жам заради она што во интервјуто со Горан Момировски најави дека ќе го направиш.

Знам кои ти се размислувањата и без да те распрашувам – бидејќи сум ги имал и самиот, речиси истите или многу слични на твоите. И не е исклучено дека таа битка ќе ја истераш, не е исклучено ни дека ќе победиш во неа…

И тоа ќе биде најпировата победа меѓу низата порази со кои е украсена историјата на македонската кинематографија. Знам, знам дека ти го крева адреналинот неправдата. Ми го крева и мене додека слушам како се обидуваш да го рационализираш дебилизмот на твоите џелати.

Знам и дека ти дава храброст поддршката која ја добиваш од обичните луѓе, познаници, пријатели и незнајни симпатизери. Но тие тапшања по рамо еден ден ќе секнат, а добар дел од нив нема ни да се сеќаваат за што те тапшале. Знам и дека си загрижен за иднината на професијата и жеден да го слушнеш гласот на колегите.

Подобро веднаш заборави на тоа. Таму професија нема, а отаму ти немаш ни колеги. Имаш само луѓе кои претходно ти љубомореле, до завчера ти се сителе, а откако доби награда во Монтреал – веројатно и отворено те мразат завалени во “Чамо”, “Наџак” или некоја слична биртија. И знам дека сметаш дека е битно да извојуваш макар морална победа и да ја задоволиш правдата.

Дебело грешиш. Во земја лишена од морал и правда, тоа е како да мочаш наспроти ветерот. Верувај ми, ти имаш само една обврска: иднината на твојот талент и твојот филм. И отаму единствено нешто што мораш веднаш (ама веднаш!) да го направиш е да се јавиш на сите тие адреси на кои претходно си го откажал учеството на твојот филм, да се посипаш со пепел по глава, да кажеш дека емотивно си одреагирал соочен со државна цензура, да објасниш дека си сфатил дека твоето појавување на нивните фестивали им го должиш ним и на нивната публика, па ако треба – а зошто па да не? – да ја побараш и нивната помош во интернационализирањето на твојот проблем. Кога сево ова ќе помине (а ќе помине ко и се друго што поминало), тебе ќе ти остане еден цел тефтер полн со контакти со странски колеги (вистински колеги, не ко овие безрбетниците од Друштвото на филмските безработници), продуценти, актери, истомисленици…

Доколку вакви кадри си снимил со само 290,000 евра – утре со нивна помош ќе имаш дупли пари од странство, ќе подсобереш некое ситно ин-кајнд учество од твоја страна – и Македонија повеќе нема ни да ти треба. Барем не како финансиер, уште помалку како цензор. Доколку сепак мислиш дека премиерата во кино “Милениум” е поважна од светските сцени на кои те бараат, а долгот кон сопствениот народ е побитен од долгот кон сопствениот ум – и доколку ранетото его ти е посилно од здравиот дух во тебе…

Е тогаш де…от Заев, за жал, е целосно во право: тебе навистина треба да ти се забрани да снимаш филмови! Ама белким ќе ме послушаш и до тоа нема да дојде. Верувај ми, ним најдобро ќе им се одмаздиш така што ќе бидеш вон дофатот на нивната моќ. И почни да работиш на тоа ТРИ, ЗА ПОЗОР ЧЕТИРИ… СЕГА! Секое добро, од срце!

SHARE

Comments are closed.