„Демоните“ на Достоевски во нашиот сокак – Пишува Драган Милосављевиќ

Барем да замолчат!!!

Политичарите, без разлика дали кутрите се ладат во опозиција или со сите четири бездушно „гњурат“ во медот на неконтролираната власт, во основа го прават она што им го налагаат околностите. Напросто, играат како што мора да се одигра.

И тука нивнта позиција е јасна. Кредибилна најчесто не, морална ни „под точка разно“, но конзистенстност, ако под тој термин подразбираме константно извршување на дејства кои се целисходни за да се реши поставената задача во конкретниот момент, едноставно не им недостасува.

Се разбира, тука зборуваме за професионалци, вклучително и овие елементи кај нас, кои од политика живеат и кои, јасно е, со својата подолга или пократка кариера планираат да обезбедат барем неколку генерации наследници на нивното чесно семејно стебло.

Во тој контекст, мене ми е искрено жал за сите оние што упорно се зачудени, запрепастени, често и длабоко огорчени од извесни чудни потези на нашите „лидери“, но нема ниту една единствена причина да се сомневате дека под одреден притисок (главно однадвор), поради морање или многу често од најниска лакомост, тие ќе го направат токму оној чин кој начелно се коси со здравиот разум и дебело ја навредува елементарната интелигенција на граѓанинот, односно на онаа кутра будала секои пар години застаната пред гласачката кутија во пуста желба да избере макар достоинствен вршител на владејачките должности.

Значи, да поедноставам, ако за нив е целисходно да се смени името на државата има да го сменат без око да им трепне. Ако на вагата во нивните кабинети натежне дека е најпаметно да се донесе никаков Закон за јазици, токму таков и ќе донесат.

Доколку е профитабилна соработката со идеолошки противник, со довчерашен непријател или со, да речеме, нестабилен идиот, тие нема да имаат токму ни најмала дилема и бараната соработка ќе биде реализирана. Нема тука и не може да има никаков сомнеж дека ќе го сторат она што им носи бенефит на краток, уште подобро на среден, а да не зборуваме на долг рок.

И тоа не е локална македонска измислица туку лиценцирана генијалност на глобално ниво. Кој не верува нека провери како е можно во Германија најнормално во Владата да коалицираат средно леви и средно десни, а во Грција да речеме, радикално леви и есктремно десни партии чија идеологија, барем по дефиниција, не би смеела во никакви околности ниту да се допре, а камоли да се испреплете и со години сосем солидно да функционира како заедничка извршна власт.

Ако и тоа ви е малку, проверете како е можно првата демократија во светот, значи САД, да имат повеќедецениско стратешко партнерство со средновековното пустинско кралство Саудиска Арабија, или како тоа без пардон, веќе неколку години во љубов живеат путинова Русија и ердоганова Турција!

Но да се вратиме во реалноста на веќе извесната Република Северна Македонија и на насловот дрско ставен над оваа мала ноќна размисла. Политичката елита поделена во табори ќе продолжи да дејствува во насоката што и се налага и тоа ќе го прави бескомпримисно и упорно, се додека поради извесни причини, нема да мора да се премисли и да започне да работи нешто сосем спротивно од она што сега на јавноста и се претставува како единствена можна опција.

И народот, се извинувам граѓаните, ќе продолжат да животарат поделени во два жестоко раскарани кампуси и со упорност на доминикански монаси ќе чекаат некоја лична привилегија, кога веќе од колективната светла иднина одамна и дефинитвно се откажавме.

А во среднина, значи меѓу водачите и рајата, ќе останат да егзистираат второкласните ништожници, онаа обесчовечена банда составена од ликови хендикепирани за големи или барем за суштествени дела, но премногу безобразни и суетни за својата нискост да ја измешаат со обичниот свет.

Јасно, тука мислам на шлајмот стратешки напикан по релевантни медиуми, целосно бескорисни невладини организации и поприлично владини агенции и службички. Притоа, во вакви моменти на објективен национален пораз, оние попаметните меѓу нив ќе ја сервираат својата лукративна помија во најмали можни дози, колку само да не го навредат газдата и ќе гледаат што може повеќе да бидат незабележани од рајата, бидејќи, лукаво резонираат тие, никогаш не се знае што носи утрешниот ден.

А поглупавите, не само што нема да го следат корисниот пример на првите, туку уште и дополнително ќе се разгаламат, ќе ги окупираат телевизиите, порталите и социјалните мрежи до неподносливост, за нивниот неверојатен безобразлук до крај и со целосен легитимит занавек ги разобличи.

Па, зарем толку нема никој добронамерен да им каже дека е сето тоа страшно, тажно и болно да се гледа? Зарем немаат некој наредбодавец, кога е веќе бесмислено да се очекува да го послушаат разумот, напросто да им скреска во лице дека се ужасно штетни? Не мора да се менуваат, не мора да се преправаат дека се нешто што не се, но чисто човечки е да им се каже барем да замолчат на некое време. Барем тоа го можат! Да замолчат!


Во матното време на колебања и премин секогаш и сегде се појавуваат разни мали и ништожни луѓе. Јас не зборувам за таканаречените првенци, кои брзаат пред сите (главна грижа е таа – пред сите), кон некоја цел, макар и глупава, но одредена. Јас зборувам токму за талогот. Во секое преодно време се јавува токму тој талог, луѓе не само без секаква цел, туку без секакво мисловно обележје.
Луѓе што со себе и со својата сила, изразуваат само немир и нетрпение. Меѓутоа, тој талог, и несвесно, скоро секогаш потпаѓа под команда на онаа малечка тола „првенци“, што работи со одредена цел. и таа толпичка го тера целиот тој отпадок онака како што и е воља, само, тоест и таа самата ако не се состои од одлични идиоти, што впрочем, исто така се случува…Фјодор Достоевски, „Демони“

Пишува Драган Милосављевиќ
Новинар на Алфа ТВ

SHARE

Comments are closed.