Денеска покана за Македонија да почне преговори со НАТО

„Во 2008 одлучивме дека НАТО ќе ѝ додели покана на ПЈРМ за влез во Алијансата штом се изнајде заеднички прифатливо решение за името во рамките на ОН. Го поздравуваме историскиот договор помеѓу Атина и Скопје за решение за спорот за името. Во согласност со нашата политика решивме да ја поканиме владата во Скопје да започне преговори со Алијансата”, се наведува во нацртот кој треба да се официјализира по состанокот на шефовите на држави и влади кој почнува попладнево во Брисел, дознава „Дојче веле“.

Заклучоците ќе ги објави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференција најавена за 17 часот.

Членството на земјата во Алијансата ќе се ефектуира откако ќе биде целосно завршен процесот на имплементација на договорот за името со Грција.

Министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска од Брисел порача дека поканата за Македонија ќе биде најпозитивна одлука на самитот.

„Денеска е ден во кој можеме да го поправиме она што го испуштивме во 2008 година”, вели министерката според која „една од недвосмислено најпозитивните одлуки на овој самит ќе биде поканата што ќе ја добие Македонија”.

Шекеринска вели дека земјата веќе добива честитки за огромниот пробив кој го направила.

„Денеска сите ја искористија можноста да ѝ честитаат на Македонија за огромниот пробив и целиот аудиториум нѐ награди со аплауз зашто се свесни дека ова е историски ден за Македонија, но важен е и за НАТО”, рече министерката за одбрана, пренесува „Дојче веле“.