Дерковски: Овој состав на ДИК оствари значителни заштеди

Државната изборна комисија, во соработка со Националниот демократски институт, утре ќе ја започне јавната информативно-едукативна кампања која ќе содржи повеќе видео спотови што ќе бидат емитувани во медиумите. Кампањата ќе се одвива под мотото „Твој став, твое право“, соопшти на прес конференцијата во петокот претседателот на Комисијата, Оливер Дерковски.

Тој оцени дека организацијата за спроведување на референдумот, што треба да се одржи на 30-ти септември, се одвиваа без поголеми проблеми и дека Комисијата ќе ги испочитува зададените рокови.

„Околу она што е надлежност на ДИК, а тоа е организација и спроведување на референдумот, можам да кажам дека ние ги преземаме сите мерки за добра организација, се држиме за роковите кои си ги зададовме како Комисија и досега немаме никакви проблеми од тој аспект,“ рече Дерковски.

Дерковски исто така истакна дека овој состав на ДИК драстично ги намалил трошоците за организирање на гласачкиот процес и кампањата, но не даде конкретни бројки за заштедите.