Тимур Дибиров смета дека ракометарите на Вардар имаат можност да напишат историја како прва екипа што ја одбранила европската титула во следната сезона, откако и со поразот од 28:27 во реваншот со Кил во СЦ „Јане Сандански“ се пласираа на завршниот турнир во Келн поради едниот гол повеќе на гости, кога во неделата славеа со 29:28 во Германија.

„Многу сме среќни што се пласиравме на фајналфорот втора година едноподруго. Знаевме дека Кил има одлична екипа, тренер, поддршка, историја и традиција. Знаевме дека до последната минута резултатот ќе биде неизвесен, но на крајот имавме спортска среќа. Работевме напорно цела сезона и ова е награда за вложениот труд. Сега имаме шанса да испишеме историја“, изјави левото крило на „црвено-црните“.

Освен на самиот почеток, кога гостите поведоа со 3:0 и во самиот финиш, кога во последните 45 секунди дадоа уште два и на крајот славеа пирова победа, европскиот, регионален и македонски првак имаше контрола над играта и над резултатот во текот на целиот натпревар со трикратниот шампион на стариот континент.

На почетната иницијатива на „зебрите“ домаќинот одговори со сопствена серија за 8:5 во 13. минута, за на полувреме да се замине со нерешени 13:13.

Во 42. минута составот на Раул Гонзалес имаше и четири гола позитива (21:17), а со предност влезе и во последната минута, кога ги смени улогите со противникот од првата средба. Тогаш Вардар ја сврте негативата од два гола и на крајот триумфира, а сега Кил се реваншира со врзаните погодоци без одговор на Патрик Винчек, Никола Билик и Никлас Екберг, но попусто. Вардар втора година едноподруго ќе игра во Келн, а Кил втора година едноподруго ќе го гледа фајналфорот на телевизија.

„Имавме многу проблеми на теренот. Не се снајдовме најдобро против Ландин. Сепак, успеавме да се соземеме и во вториот дел од средбата дадовме неколку голови од контра. Игравме под притисок, но со големата поддршка од трибините успеавме да дојдеме до посакуваниот резултат. Кил играше одлично, горд сум на моите играчи и поради тоа што сум нивни тренер“, изјави Гонзалес. „Сега ни претстои Ф4-турнирот во Келн. Ќе одмориме малку, а потоа ќе можеме да се подготвуваме за она што ни претстои во Келн. Вардар е шампион и треба да ја брани титулата во Келн. Сепак, мораме да бидеме добро подготвени. Имаме два меча во Келн и мораме да мислиме исклучиво на она што нè очекува на теренот. Штом ќе почне натпреварот, ќе заборавиме на сè и ќе размислуваме исклучиво на она што се случува на теренот. Таму нема да има фаворити туку ќе мора да се прикаже најдоброто за да се обезбеди победа“.

Вуко Борозан со шест гола беше прв стрелец на мечот, Лука Циндриќ даде пет, а Даинис Криштопанс четири во мечот во кој вардарци го претрпеа првиот пораз во 17. натпревар на свој терен сезонава, во која беа домаќини на осум средби од ЛШ и на девет од СЕХА-лига.

Вардар на фајналфорот во „Ланксес арена“ на 26 и 27 мај ќе има ривали од Франција, откако билет за Келн извадија и европскиот вицешампион Пари Сен Жермен, и Нант со Кирил Лазаров, и Монпелје.