Дијаспората до ВМРО-ДПМНЕ: Ако сте за бојкот, немаме недоразбирања

Координативното тело на македонската дијаспора за протести во Европа, Канада и Австралија се огласи од Женева со ставот дека, ако ВМРО-ДПМНЕ е за бојкот на референдумот, тогаш ќе ја имаат поддршката од иселениците.

„Во врска со вчерашниот состанок на ЗК на ВМРО-ДПМНЕ со претседателот Мицкоски, Координативното тело за протести во Европа го испраќа следново дообјаснување: Во неколкуте претходни наши деманти и појаснувања во врска со учеството на дијаспората во политичките разврски во Македонија, ставот на Македонците кои протестираа повеќе од две години е кристално јасен, а тоа е дефинирање на црвените линии на македонските национални интереси. Во тој контекст, сите сили и партиски определби во Македонија кои соодејствуваат со нашите определби, секако дека го имат нашиот глас и поддршка во заложбата за унитарна Македонија.

Што се однесува, пак, за вчерашниот состанок на ЗК на ВМРО-ДПМНЕ, недвосмислен е фактот дека идеологијата на партијата е во согласност со националните интереси и се надеваме дека и претставниците се со ист став. Дијаспората јасно порача дека е против политиките на сегашнава илегална квинслишка влада и ја спречува државата да оди напред. Во тој дел мислиме дека ставовите на партијата со оние од дијаспората се комплетно идентични.

Ставот на дијаспората оди чекор напред, со тоа што и дава конкретна акција како да се запре владиното лудило и Македонија да остане како таква. Преку ставот за бојкот на претстојниот референдум, Координативното тело за протести во Европа, со поддршка од Австралија и од Канада, искажува кристално јасно во кој правец ќе дејствува и до кој степен одредена политичка или неполитичка групација ќе ја има поддршката.

Ако ставот на партијата е за бојкот, тогаш се нема никакви недоразбирања и работите ќе се движат во насока на запирање на уништувачката владина политика за Македонија. Долу Влада! Бојкот референдум! Македонија вечна!“, се вели во соопштението на Координативното тело за протести испратено од Женева.