Дијаспората ги поддржува владините политики за влез во НАТО и во ЕУ?!

Владата и премиерот Зоран Заев одделно известија дека на денешната средба со претставници на дијаспората во Скопје добиле поддршка за политиките за членство на Македонија во НАТО и во Европска унија.

„Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се сретна со претставници на дијаспората од Македонија во Италија, Швајцарија, Луксембург, Германија, Словенија, Хрватска, САД. На средбата е изразена поддршка на владините политики за членство на Македонија во НАТО и во Европската унија“, соопштија од Владата.

„Поддршка од дијаспората за политиките што водат кон членство во НАТО и ЕУ и европски живот и стабилност во Македонија“, се пофали Заев на својот профил на „Фејсбук“, додавајќи дека ги повикал претставниците на дијаспората „да излезат на претстојниот референдум и со тоа да дадат значаен придонес во овој историски момент за напредокот на Македонија“.

Ниту во едното, ниту во другото известување не се наведени иселеничките организации и луѓето што ги претставувале на средбата, нема изјава од никој од нив, ниту е прецизирано кои владини политики за влез во НАТО и во ЕУ ги поддржуваат. Имајќи предвид дека Владата фрли сè на една карта – успех на референдумот и прифаќање на Преспански договор за преименување на државата во Северна Македонија и на целиот пакет уставни измени, нејасно е кој од дијаспората ја поддржува таквата политика за членство во НАТО и во ЕУ, формулирана и во референдумското прашање.

Најголемата организација на иселеници од Македонија во светот, Обединета македонска дијаспора (ОМД) со седиште во Вашингтон, како и најактивната во Канада – Македонско меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), одамна повикаа за бојкот на референдумот. Покрај тоа, меѓу присутните на средбата во Владата немало претставници од Австралија, каде што пролетоска во ист ден излегоа 70.000 Македонци да протестираат токму против политиките на власта во татковината, посебно против преговорите со Грција.

Ненаведувањето на присутните на средбата со Заев и на здруженијата што ги претставуваат го поставува прашањето за нивната релевантност и за евентуалната намера тие да се инструментализираат во прилог на владината кампања за референдумот, оставајќи слика во јавноста дека, ете, и дијаспората дава поддршка.

2 Коментари

Comments are closed.