Дијаспората се чуди кој во нејзино име бил кај Заев и го поддржал

Информацијата од владината прес-служба и од Фејсбук-профилот на Зоран Заев дека претставници на македонската дијаспора од Италија, Швајцарија, Луксембург, Германија, Словенија, Хрватска и од САД денеска биле примени од премиерот и дале поддршка за владините политики за членство на Македонија во НАТО и во Европска унија предизвика жестока реакција од иселениците.

Координативно тело на македонската дијаспора за протести од Европа, Канада и Австралија се јави од Париз со зачуденост кој ги претставувал од споменатите држави, бидејќи никој од нив не е информиран за таква средба.

„Само два дена од нашиот демант на изјавата на ‘министерот’ без ресор за дијаспората, еве уште една лага поврзана со некаква средба на премиерот Заев со истата.

Веста што ја прочитавме во медиумите навистина нè изненади и нè зачуди поради самиот факт што во одреден момент не можеме да бидеме на две места, а што ‘македонскиот’ премиер сакаше вешто тоа да ни го прикаже. Иронијата да биде поголема е дека ниедна од заедниците на дијаспората не е во тек за некаква средба, па неминовно се поставува прашањето со кој навистина се сретнал Премиерот?

Тоа е за формата. Што се однесува, пак, за суштината, ниту една од владините мерки наведени на ‘средбата’ не соодветствуваат со основните барања и ставови на 20-50 илјади Македонци кои протестираат низ светот повеќе од две години. За јазикот, името, идентитетот, историјата не се преговора, туку едноставно се изговора Македонија!

Ниту мнозинството граѓани во државата се изјасниле за референдум, ниту реформите и ‘добрососедските’ договори значат напредок и демократија, а најмалку НАТО ќе ни донесе просперитет. Една воена излишна организација постои за оправдување на нејзината цел, создавање немирни политички системи, креирање на ‘оправдани’ војни, зголемување на воените државни буџети, ама сигурно не просперитет и демократија.

Што се однесува, пак, за значењето на патриотизмот за Премиерот, суштината на самиот збор е поврзана со искрената и недвосмислена љубов и определба за почитување на уставниот поредок на секоја држава, а сигурно не затајување на историјата и трансформација на патриотите во граѓани. Секоја европска држава е горда на својот народ, кој се поистоветува со нејзиното име, па затоа имаме Французи, Германци, Македонци, а не граѓани.

Да заклучиме, никаква средба македонската дијаспора од споменатите држави немала со Премиерот, а доколку навистина имало таква средба, би сакале и официјално да се запознаеме.

#Бојкотирам референдум!“, соопшти Координативното тело.

И претседателката на македонското здружение „Камен Мост“ од Италија, Илона Захариева, не ги препознава присутните на приемот кај премиерот.

„Ќе го поддржи неговата дијаспора, албанската. Колеги од дијаспората, познавате ли некој од овие на масава? Македонската дијаспора #бојкотира, никогаш посплотена“, напиша на својот профил на „Фејсбук“ лидерката на најголемата организација на Македонци во Италија.

Реагираа и од здружение на Турците од Македонија што живеат во Шведска.

„Во кралството Шведска еден голем дел од дијаспората се припадници од турската националност, каде отсекогаш се организирани во КСД ‘Преспа-Бирлик’. Сме биле отсекогаш заедно со Македонците, сите имаат инвестирано во својот роден крај.
На оваа средба, за жал, не сме повикани или поканети“, исто така преку „Фејсбук“ извести Абдула Бозкурт од Малме.

Методија Колоски од Обединета македонска дијаспора (ОМД) од Вашингтон, пак, го отфрли повикот од Заев до иселениците да излезат на референдумот на 30 септември. На пораката од премиерот: „Ако ја сакате вашата земја, гласајте на референдумот“, претседателот на најголемата македонска иселеничка организација во светот одговори на „Твитер“ со: „#Бојкотирам – Јас ја сакам мојата татковина #Македонија“.