Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска на шеговит начин одговори на прашањето од гледач во емисијата „Здраво Македонијо“ на Канал 5, зошто тој како поранешен министер ни претходно не направил ништо за постигнување договор со Грците, односно зошто тогаш и на време не посочил кој или што била причината што толку години не се решавал овој проблем.

„Можеби личам на некого, но не бев министер“ изјави низ смеа Димитров. Алудирајќи, веројатно, на неговиот претходник, министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Сега актуелниот министер Никола Димитров, во минатото беше амбасадор на Македонија во САД и во Холандија. Во 2014 го одби амбасадорското место во Русија и привремено се повлече од дипломатијата.

Димитров својата професионална кариера ја започна во 1996 во МНР како советник од областа меѓународно право за правата на човекот. Беше назначен за заменик министер во 2000, а бил и советник за национална безбедност на претседателот Борис Трајковски.

Димитров беше македонски претставник во разговорите за разликите околу името со Грција, а бил и правен застапник на Македонија при тужбата пред Меѓународниот суд во Хаг против Грција за прекршување на привремената спогодба.

SHARE

Comments are closed.