Димитров патува во Брисел, ќе има ли средба со Коѕиас!?

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров утре и задутре ќе престојува во работна посета на Брисел.

Од МНР соопштија дека утре (понеделник) тој ќе учествува на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија.

„Министрите за надворешни работи на ЕУ утре ќе се состанат за редовниот министерски совет, неколку недели пред јунскиот Самит на кој европските лидери треба да одлучуваат за препораката на Европската Комисија за старт на преговори со Македонија“, пренесува дописникот на МИА.

Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, ќе ги брифира министрите земјите членки за процесот на преговорите за името.

По последната средба во Њујорк, медијаторот Метју Нимиц најави дека  Димитров и Никос Коѕиас ќе ги продолжат преговорите во Брисел.

Нема информации за кога е закажана средбата.

Грчки медиуми пишуваат дека средбата ќе биде утре и дека на маса најсериозен предлог за надминување на спорот е  „Република Северна Македонија“, дилеми останува дали ова ќе биде erga omnes, на што инсистира грчката страна.

Министерот Димитров во вторник ќе има обраќање во бриселскиот тинк-тенк Европски центар за политики (ЕПЦ) на тема: „Спорот со македонското име: тест за европското проширување на Балканот“.