Димитров за Иванов: Да се каже дека не се гласа е срамно бегство од одговорност!

Министерот за надворешни работи Никола Димитров ја критикува најавата од претседателот Ѓорге Иванов дека нема да излезе на референдумот за договорот Заев-Ципрас за преименување на македонската држава во Северна Македонија.

„Да се каже дека не се гласа е срамно бегство од одговорност и тоа не се кажува од Македонија, туку се кажува од преку океанот. Јас имам, пред сè, како граѓанин, голем проблем со тоа, бидејќи само тие што ќе гласаат, ќе учествуваат во одлуката за нашата иднина. Не можете да седите дома, а да влијаете врз одлуката. Ако има еден глас повеќе НЕ, против, јас сум против членството во НАТО и ЕУ, прифаќајќи го договорот со Грција, ние ќе се поклониме и ќе кажеме: ‘Оваа работа не поминува’. Меѓутоа, само тие што гласаат можат да влијаат врз таа одлука. Ако големо мнозинство од граѓаните кажат ДА, дури и да нема цензус, тоа ќе биде земено предвид, меѓутоа ситуацијата ќе се врати во Собранието на Република Македонија. Затоа, да не се учествува со свој глас во ваква крупна одлука е бегство од одговорност“, рече Димитров.

Според шефот на дипломатијата, референдумот е најдемократското нешто во демократијата, потсети дека Македонија во спорот со грција загуби 27 години и додаде дека само тие што учествуваат во донесувањето на одлуките решаваат за иднината на земјата.

„Позицијата на претседателот на државата е првата најодговорна позиција во нашата земја според протоколот и Уставот. Негова должност е на граѓаните да им го покаже патот“, додаде Димитров.

 

SHARE

Comments are closed.