„Дипломатик куриер“: Промената на државното име влијае на националниот идентитет

Loading...

Американскиот магазин за меѓународни односи „Дипломатик куриер“ во написот на Алехандро Санчез насловен „Еволуцијата на имињата на земјите во 21. век“ констатира дека „таквата промена не само што има бирократски импликации, туку влијае и на националниот идентитет на личноста, што може да резултира со негативни реакции, како во моментот в Македонија“.

Текстот го пренесуваме во целост:

„На 12 јуни владите на Македонија и на Грција објавија дека постигнале договор за промена на поранешното име. Одлуката доаѓа месеци откако кралот Мсвати Трети од Свазиленд, кој го смени името на својата африканска држава во еСватини. Името на државата, како и знамето или државната химна, се дел од идентитетот на земјата, па промената на кој и да е од нив се значајни настани.

НЕОДАМНЕШНИ ПРОМЕНИ НА ИМИЊА НА ЗЕМЈИ

Поради просторот, накратко и единствено ќе ги наброиме промените на имињата на државите што се случија во изминатите неколку децении. (Со други зборови, нема да разговараме за промените на знамињата, како што Нов Зеланд за малку не го направи во 2016 година, или усвојувањето од Чешка Република на ‘Чешка’ како скратено име, исто така во 2016 година).

На пример, покојниот претседател Лоран-Десире Кабила го смени името на Заир во Демократска Република Конго (ДРК) откако дојде на власт во 1997 година. Две години подоцна, во 1999 година, починатиот претседател Хуго Чавез ја преименува Република Венецуела во Боливарска Република Венецуела. Една деценија подоцна, во 2009 година, претседателот Ево Моралес го смени името на својата континентална нација од Република Боливија до Повеќенационална Држава Боливија.

Неодамна, во 2012 година, Република Унгарија стана, едноставно, Унгарија. Една година подоцна, во 2013 година, Зеленортските Острови станаа Република Кабо Верде. Конечно, како што беше претходно забележано, Свазиленд сега е Кралство еСватини, а Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) сега ќе биде позната како Република Северна Македонија, под претпоставка договорот од јуни 2018 година со Атина да биде одобрен од двата парламента.

Конечно, вреди да се напомене дека уште една нација, Казахстан, може да го промени своето име. Имаше дискусии околу преименувањето во ‘Казах Јели’, што значи ‘земја на Казасите’.

ЗОШТО ПРОМЕНА?

Постојат неколку причини зошто власта може да одлучи да го смени името на земјата. На пример, Македонија го менува своето име со цел да се надмине деценискиот спор со Грција, што, секако, ќе значи дека Атина ќе престане да ги блокира обидите на Скопје да се приклучи на блоковите како НАТО и Европска унија.

Другите промени имаат повеќе врска со новите лидери кои одлучуваат да се отцепат од претходните режими и да стартуваат ‘свежи’. Ова е случај со ДРК, бидејќи претседателот Кабила го смени името на земјата откако диктаторот Џозеф Мобуту беше соборен (ако сакате добра книга за конгоанската историја, видете: ‘Танцување во слава на чудовишта: Колапсот на Конго и Големата војна на Африка’).

Други причини можеби се поврзани со политичката идеологија на лидерот, на пример, починатиот претседател Чавез го додаде зборот ‘Боливарска’ на името на Венецуела во чест на неговиот херој, јужноамериканскиот ослободител Симон Боливар од 19 век. Слично на тоа, претседателот Моралес од Боливија го додаде терминот ‘повеќенационална’ за да ја прослави јазичната и културната разновидност на нацијата – тој е првиот боливиски домороден шеф на државата, што веројатно влијаеше врз неговата одлука.

Во случајот на Казахстан, Владата има намера да се дистанцира од другите ‘станови’ преку потенцијалната промена на името на земјата. Напис од 2014 година во ‘Економист’ објаснува дека казахстанското раководство ‘се става во различна лига од своите соседи’.

ИМЕ, ИДЕНТИТЕТ

Како што беше претходно споменато, името на земјата е дел од нејзиниот национален идентитет и важно е секоја влада да има предвид дека нејзиното население ќе реагира на таквите промени; имаме мешани реакции на овие иницијативи. На пример, веќе има протести во Македонија поради одлуката на Владата, а во Унгарија имаше и граѓански немири кога се случи промената на нејзиното име.

Наспроти тоа, меѓународните медиуми не јавија за големи немири во еСватини околу неговото ново име можеби поради тоа што, според извештајот на Би-Би-Си, населението има други, поголеми проблеми, како што се сиромаштијата и високите нивоа на ХИВ. Слично на тоа, додавањето од венецуелската влада на придавката на името на земјата, наместо целосно менување, ја објаснува малата опозиција во врска со оваа одлука – во секој случај, политичката и економската криза на Венецуела денес се главните грижи на населението и го надминуваат чествувањето (или не) на ослободителот од 19 век.

Како што покажаа претходно споменатите примери, самото име на земјата, изградбата на националниот идентитет на човекот и чувството на патриотизам продолжуваат да се развиваат во 21 век. Таквата промена не само што има бирократски импликации – обновување пасоши, возачки дозволи, мапи, химни, компании во државна сопственост и бројни официјални документи – но исто така влијае врз националниот идентитет на личноста, што може да резултира со негативни реакции, како што во моментот се случува во Македонија.

Името на една земја ја раскажува историјата на нејзиниот народ и во ерата на ‘сеопшта глобализација’ важно е да се разбере како овие нови имиња настанаа и што значат, бидејќи тоа ќе влијае на тоа како остатокот од светот ќе комуницира со овие новоименувани нации“.

 

3 Коментари

Comments are closed.