„Дискаверер“: Не одете во Дубровник, подобро посетете го Охрид!

Меѓународниот туристички портал „Дискаверер“ направи листа на пет популарни дестинации што треба да се избегнуваат поради метежот и негативниот став спрема туристите, препорачувајќи алтернативни одредишта, па на местото на Дубровник го предлага Охрид!

„Посетата на старото историско јадро на Дубровник е врв на кој било одмор во Хрватска, но турканиците во тесните улички и премини не придонесуваат за квалитетот на тоа искуство“, пишува патеписецот на „Дискаверер“, Џулија Хамонд.

Пренатрупаноста, како што додава таа, ја влошуваат крузерите, кои истоваруваат голем број патници и го зголемуваат бројот на луѓето во градот на неколку часа.

„Кога кон тоа ќе се додаде дека градот е сè попознат по својата улога во смешно популарната ‘Игра на тронови’ добивате проблем со епски размери. Властите беа принудени да дејствуваат со ограничување на бројот на луѓе што можат да прошетаат по бедемите на безбедна квота од околу 4.000 дневно“.

Наместо да се обидувате да бидете еден од среќниците што добиваат карта за обиколка на дубровничките локации, посетете го прекрасниот град Охрид во блиската Македонија. Обилува со шарм, од рестораните на езерото до древните цркви и манастири кои изгледа како да се наоѓаат на секој агол од улицата. Сместен на најстарото езеро во Европа, градот има богата историја, која ќе ве одушеви, посебно поради тоа што можете да уживате без турканици“, се наведува во текстот.

На првото место на негативната листа е Барселона, наместо која „Дискаверер“ ја препорачува Екстрамадура, исто така во Шпанија. На втората позиција се две дестинации во Тајланд – наместо Маја Беј, се предлага Кох Мука. Следува Галапагос, на чие место се препорачува Исла Магдалена во Чиле и на крајот се препорачува избегнување на Мачу Пикчу во Перу, а како алтернатива се нуди блискиот древен локалитет Морај во таа земја.

 

1 Коментар

Оставете Коментар