Добил ли напаѓачот на полицајката со пајакот 50,000 евра од град Скопје за проект во Чаир?

Советничката во град Скопје Драгана Велковска открива дека скопските советници одлучиле да дадат огромна сума на пари за нејасен проект во општина Чаир за кој нема формална правна основа ниту се знае сопственоста и владеењето на објектот кој треба да се реновира.

“На овонеделната седница мнозинството во Советот на Град Скопје одлучи да ѝ „подари“ 3 милиони денари (≈50.000 евра) на Општина Чаир за ПРОЕКТ за реновација на спортската сала „Партизан“ за која до крај на дискусијата по оваа точка на седницата никој од СДСМ, не кажа точно дали е под концесија”, објави чкенот на Шарената револуција и советничка на партијата Левица во советот на главниот град и постави низа прашања за скандалот:

Дали Општина Чаир си основала јавно претпријатие кое никој не знае дека постои, а сепак стопанисува со салата;

Дали салата е само формално јавна, а фактички приватна сопственост;

Дали салата е на локален моќник од дуи (советниците на ВМРО-ДПМНЕ го спомнаа Бекир Асани, истиот што ја претепа полицајката што се обиде со пајак да му го крене непрописно паркираното возило и нормално, помина неказнето);

Дали во салата има елитен фитнес центар со справи кои ги немаат 80% од фитнес центрите во Скопје, итн. итн.

За Велковска е уште поважно што никој од СДСМ на седницата не можел да образложи зошто Општина Чаир и нејзината елитна спортска сала се третираат како приоритет кој треба да е помогнат од Градот кога на пример, советниците кои доаѓаат од Шуто Оризари на седницата се изјаснија дека Градот нема потпишано меморандум за соработка со Шуто Оризари иако таму нема ни целосно спроведена канализација, а на улиците има дупки во кои пропаѓаат цели тркала од автомобили.

Велковска вели дека Шуто Оризари не е единствената скопска општина чиишто жители немаат основна инфрструктура во 21 век. Како и секогаш, основните потреби на обичниот граѓанин се користат како „кец во ракав“ за прибирање гласови пред избори.
Кои и чии приоритети ги „помага“ мнозинството на СДСМ? Приоритетите на обичниот човек очигледно не, заклучува советничката од Левица која дополнува дека во самата одлука не се содржела сума што ќе ја покрие Општина Чаир за овој проект а се манипулирало и со информации дека ова е САМО проект за реновирање и дека допрва ќе се потпишува договор со тој што ќе стопанисува со потенцијално реновираната сала.

Според неа цепкањето на целините на расфрлани делови од сложувалка што треба да го збунат непријателот (читај: обичниот човек) ја усоврши ВМРО-ДПМНЕ сега СДСМ само несмасно го копира.

Она што е потполно јасно е дека и едната и другата партија обичниот гласач го гледаат како безмозочна и лесно подмитлива машина, секогаш предвидлива во однесувањето и секогаш спремна да го брка единственото исушено морковче пред нос, без оглед колку стапа ќе добие за возврат по грб, заклучува Велковска.

SHARE

Comments are closed.