Додека моќните политизираат ,,малите” луѓе градат соживот

Додека моќните политичари и партии во своите битки за власт и моќ понекогаш забораваат на соживотот, активистите не чекаат и денеска работат на подобро утре, на соживотот, на толеранцијата.

Еден од таквите успешни обиди за подобар соживот и разбирање е проектот „Градиме заедничка иднина“ кој е поддржан и финансиран од МОН и Мисијата на ОБСЕ во РМ, а како носител и апликант е градоначалникот на општина Гази Баба.

Ова е прв и единствен проект за меѓуетничка интеграција во образованието во кој се вклучени сите училишта од оваа скопска општина обединети со заедничка цел – едуцирање на активни граѓани кои ќе се почитуваат едни со други, без оглед на нивната припадност, кои ќе создаваат навики на здраво и заедничко живеење во едно мултикултурно општество.

Директно се вклучени околу 400 ученици и 100 наставници и родители, кои во текот на изминатите девет месеци секојдневно и посветено организираат заеднички активности со учениците, наставниците и родителите од сите 11 основни училишта во Општината.

“Нашите цели се долгорочни и благородни: учениците да се запознаваат меѓусебно, да соработуваат без оглед на нивната етничка и религиозна припадност, да практикуваат граѓанско однесување со толеранција кон различните од себе, да ги разбиваат меѓусебните предрасуди и стереотипи, да градат соживот во една мултикултурна и мултиетничка средина, како што е нашата општина. Освен образовен, воспитен и интегративен, активностите од овој проект имаат и хуманитарен карактер. Дел од средствата собрани на промотивниот настан на 03.11.2018 се наменети за децата од СОС Детското село, а дел ќе бидат префрлени за лекување на дете на кое му е најпотребно во моментов. На тој начин и хуманоста и солидарноста се вредности кои настојува да ги постигне овој проект”, вели м-р Анита Ангеловска – проектен менаџер и одговорно лице за реализација на Проектот „Градиме заедничка иднина“ во општина Гази Баба инаку наставник во ООУ„Крсте Мисирков“.

Проектот „Градиме заедничка иднина“ ги сплотува учениците од сите 11 основни училишта во општина „Гази Баба“, кои во период од 10 месеци, во мешани групи (од било каков аспект: полов, етнички, социјален…) соработуваат и се подготвуваат за одбележување на Денот на општината: 03.11. На тој ден во Големата сала во близина на ООУ„Крсте Мисирков“ ќе се реализира голем настан пид името “Градиме заедничка иднина – Денови на МИО во Општината”, на кој ќе бидат претставени продуктите од заедничката работа на учениците во период од 10 месеци. Секој тим партнерски училишта ќе има посебни продукти, а како заеднички продукт ќе биде еден филм и брошура (на двата наставни јазици кои се користат во општината: македонски и албански) кој ќе ги обединува сите активности.

Секое училиште со своите ученици на почетокот одржало по 5 работилници за подигањето на свеста кај учениците за потребата и бенефитот од мултикултурната и маѓуетничка соработка во општеството.

Потоа, 350 ученици подготвуваа пет заеднички активности на различни локации:

– Во ООУ „Крсте Мисирков“ се подготвува еко модна ревија. Учениците подготвуваат модели од еколошки материјали кои ќе ги презентираат на Денот на Општината.

– Во ООУ „Његош“ се истражуваше загадувањето во Општината и се подготвија флаери со препораки за намалување на загадувањето и заштита на граѓаните;

– Во ООУ „25 Мај“ се подготви Двојазичен водич низ Гази Баба на кој учениците работеа во седум групи.

– Во ООУ „Наум Наумовски Борче“ се подготвува активност Игри без граници, во која учениците спортуваат, се забавуваат и со своите тела го испишуваат името на Општината.

– Во ООУ „Дане Крапчев“ се подготвува приредба со шест точки (хор, оркестар, балет, валс, ритмички точки.

При соработката и реализацијата на активностите учениците биле вклучени во активности за подобро меѓусебно запознавање и градење групна кохезија, каде што тие ги донесуваат правилата за работа со обезбедување рамноправен статус меѓу сите ученици.

Учениците беа поттикнувани на соработка и интеракција во полово и етнички балансирани групи, во кои важен фактор е позитивната меѓузависност на групите со еднакви можности за успех во групната и индивидуалната одговорност. Притоа, работниот материјал и продуктите од учениците се подготвувани на двата наставни јазици застапени во групата, со што се постигнува и подеднаква застапеност и наизменично користење на двата јазика во текот на реализацијата на заедничките активности.

“Со проектот се развиваат и претприемнички способности, бидејќи средствата од ОБСЕ не ни беа доволни да реализираме се што сме предвиделе. Ни помагаат многу донатори со превоз, храна, материјали, облека, реквизити, што не е за занемарување. Обединивме образование, локална заедница, бизнис сектор и на некој начин покажавме како се градат темелите на едно здраво општество”, вели Ангеловска.

А како активностите во проектот ги оценуваат сите инволвирани.

– Како родители посакуваме ваквите активности да продолжат и понатаму и општина Гази Баба да биде пример во државата за инстуционално менаџирање на училиштата за унапредување на меѓуетничката интеграција и за развивање на свеста на учениците за хуманост и солидарност. Како директни учесници во Проектот „Градиме заедничка иднина“ имавме можност да ја процениме неговата сериозност. Затоа и ги предложивме за наградата Големата мајка, што ја доделува Општината, од областа: Образование и воспитание и Хуманост (Маја Крстевска – родител во ООУ „Крсте Мисирков“);

– Ми беше чест да бидам дел од проектот со кој ги ставивме темелите на иднината на нашите ученици за една заедничка и подобра Гази Баба. (Татјана Силјаноска – Гочкова – координатор на ООУ „Григор Прличев“ и наставник во тоа училиште)

– Јас многу сум задоволна што сум дел од овој проект. Не само во Гази Баба, туку во цела Македонија е време да се гради заедничка иднина. Благодарност до сите координатори со кои станавме како да сме едно тело за реализација на овој вреден проект. Учениците со радост ги чекаат деновите за проба за да се дружат со своите другари и другарки. (Нуран Лимани, координатор на активности во ООУ „25 Мај“ и наставник во ова училиште)

– Како координатор на тим којшто беше домаќин на една од активностите, а воедно зема активно учество и во останатиот дел од овој голем проект, би сакала да го изразам своето огромно задоволство за укажаната прилика да се стекнам со богато искуство во текот на оваа неколкумесечна работа имајќи притоа мошне плодна соработка и несебична помош и поддршка од колегите и учениците од сите основни училишта во нашата општина. “Градиме заедничка иднина” треба да претставува поттик и во иднина да има сѐ повеќе вакви проекти. (Данијела Величковска – координатор на тимот на ООУ “Његош”)

– Овој проект нѝ овозможи многу нови познанства и другарување со ученици од другите училишта. Потпомогнати од наставниците вложивме многу труд во исполнување на дадените задачи со цел да подготвиме заеднички спектакл по повод Денот на општината. Инаку овие шест месеци беа исполнети со многу забава, заеднички средби, дружби, прошетки, па затоа сметам дека ваквата соработка треба да продолжи и понатаму. (Марија Лазевска, IX одделение, ООУ “Његош”)

– Пресреќна сум што учествувам во Проектот, бидејќи тука запознав многу деца со кои се дружевме и уживавме во активностите во кои бевме вклучени. Имам желба пак кога би се организирало да учествувам. (Исра Џемаили, ученичка во ООУ „Кирил и Методиј“)

– Многу сум среќна што учествувам во овој проект. Чувството да си дел од овој тим е прекрасно. Воодушевена сум од координаторката Анита и нејзината заложба да се чувствуваме исполнети и вредни. Би сакала пак во иднина да се организираат вакви проекти што не зближуваат уште повеќе. Функционираме како една фамилија. (Имране Кривца, наставник во ООУ „Кирил и Методиј“, Страчинци)

– Јас учествувам во овој проект, сакам да кажам дека ми беше забавно, понекогаш и напорно. Дружбата беше нај ОК…запознав нови, а се дружевме и со нашите школски. Ги научив имињата на училиштата од нашата општина и нивната местоположба. Сега знам повеќе. Сите сме луѓе исти, а сепак различни. (Мила Неданоска ученичка од 8 одд.во ООУ,,Григор Прличев”)

– Благодарение на проектот сега имам повеќе пријатели на Facebook, но и во секојдневниот живот. На почетокот на сите малку ни беше страв дека нема да се разбираме, ама после видовме дека можеме и ни беше супер. (Теа, 5 одд. ООУ„Наум Охридски“ Булачани)

– Задоволството да се биде дел од проект во кој се вклучени деца од различни националности е огромно. Ширењето нови познанства, дружбата меѓу нив сите овие месеци беше нешто што ќе го паметат цел живот. (Никола Попадиновски, координатор на ООУ „Вера Јоциќ“).

– Јас како учесник и дел од овој проект се чувствувам одлично и искрено малку ми е жал што ќе заврши, но се надевам ќе останам во контакт со сите деца со кои се зближивме во текот на сите овие месеци. (Максим Поповски, ученик во ООУ „Вера Јоциќ“).

– Кога во училиште ни кажаа дека ќе учествуваме во овој проект, мислев дека само ќе седиме и ќе пишуваме. Но не, беше многу интересно, одевме во сите училишта, работевме со деца од целата општина, зборувавме на различни јазици, запознав многу пријатели кои доколку не беше овој проект никогаш немаше да ги запознаам. Работевме многу, дознав многу за нашата општина,за другите национаности и беше многу интересно, имавме и прошетка до градскиот парк. Јас сакам пак да учествувам во вакви активности. (Флорентина Незири – ученичка во ООУ Крум Тошев)

– Целокупниот концепт на проектот, целите кои се постигнаа со реализирање на заедничките активности овозможија меѓусебно запознавање и почитување на различностите на сите етникуми, и истите се рефлектираа не само во текот на воспитно-образовниот процес туку во самото секојдневие на учениците наставниците и родителите. Во едно сакам да изразам голема благодарност до координаторот на проектот, општината и ОБСЕ кои ни овозможија на ваков забавен и креативен начин нашите ученици и родители да излезат од рамките на секојдневието и со своето учество да овозможат да се промовира и да се негува почитта кон разичноста која е од клучно значење за градење на една интеретничка кохезија во нашата општина. (Адријана Младеновска педагог во ООУ Крум Тошев)
– Беше празник за очите и душата да се гледа како учениците низ дружба, забава, игра неосетно работат на градење заедничка иднина за сите нас. (Магдалена Јанковска – координатор на ООУ „Стив Наумов“ и наставник во тоа училиште)

– Имав можност да се запознаам со многу деца од други училишта. Работевме и се дружевме. Беше забавно. (Лука Наумовски, ученик во ООУ „Стив Наумов“)

SHARE

Оставете Коментар