Договорот од Преспа ќе донесе и економски придобивки

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос на денешниот брифинг со новинарите изјави дека договорот од Преспа е корисен и за двете земји и со помош на европските програми ќе донесе и економски придобивки.

„ Овој Договор со Северна Македонија, сметаме дека е национално корисен за нас и заемно корисен и за двете земји. Во областа на моите надлежности, економската дипломатија, веќе разговараме како би можеле да имаме програми за поддршка на инфраструктурите и на границите.

Регионот на Преспа е навистина преубав, го немав посетено во минатото. Размислуваме итно да искористиме капитали од програмата Интерег за да можеме да имаме еден опиплив резултат, дека решението има резултат во пракса и на економско ниво“, рече Катругалос.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, додаде дека во иднина двете земји ќе треба да ги разгледаат прашањата што се однесуваат на економските страни на Договорот, како што е случајот со производите.