Друцас не би се обложил на решение за името до самитот на ЕУ

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Димитриос Друцас, не верува во решение за прашањето за разликата за името на Македонија до самитот на Европска унија на 28 и 29 јуни во Брисел.

„Не би се обложил на тоа. Постојат многу внатрешнополитички прашања што треба да се разгледаат во договорот“, изјави Друцас за авсртискиот весник „Курир“.

На прашањето дали е потребен референдум во Грција, шефот на грчката дипломатија од септември 2010 до јуни 2011 година во Владата на Јоргос Папандреу, а потоа европратеник, одговара дека во основа ги поддржува референдумите, но не и во овој случај.

„Ги поддржувам референдумите, но сметам дека референдумот е многу опасен по ова прашање. Тој ќе ги искомплицира работите. Во Скопје организирањето референдум веќе е објавено“, рече тој.

Во однос на тоа, пак, дали воопшто може да се реши спорот околу името на Република Македонија, правникот по вокација смета дека во моментов шансите се поголеми од кога и да е.

„Во моментов има интензивна дискусија меѓу Атина и Скопје, па шансите за изнаоѓање решение се подобри од кога и да било. Името не е единственото прашање. Треба да се почитуваат чувствителноста на двата народа, географската, историската и културната реалност, наспроти популистичките и националистички екстремизми кои го отруја јавното мислење. Преговарачите мора да се спротивстават на секое екстремно влијание“, порачува тој.

Експертот за Западен Балкан сега работи како постојан советник во Друштво за меѓународно право „Лански, Ганцгер и партнери“, специјализирано за правото на ЕУ.

Токму таа адвокатска канцеларија денеска во Виена организира конференција на високо ниво на тема „Стратешки разговори за ЕУ“.

 

1 Коментар

Оставете Коментар