ДУИ со бројки на Албанци ја поткопува позицијата на СДСМ

Видепремиерот Oсмани проценува дека вчера гласале 250 илјади Албанци, со што порача дека ДУИ била најсилната партија на вчерашниот плебисцит што Заев ќе мора да го пресмета во престојните политички премрежија.

Индиректно Османи на Заев му порачува дека вчера освен 250 илјади Албанци гласале исто толку или помалку Македонци затоа што според анкетите најмалку 100 до 130 илјади припадници на ромската, турската, српската и другите пимали заедници гласале ЗА на референдумот.

Тоа значи дека вчера Заев освоил меѓу 220 и 250 македонски гласови.

На прес-конференција во Владата вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи порачаа дека граѓаните кои вчера излегоа на референдумот дале поддршка за интегрирањето на Македонија во ЕУ и НАТО преку Договорот со Грција, и им даваат целосен легитимитет на институциите да продолжат со имплементација на обврските кои произлегуваат од Договорот.

– Имавме консултативен референдум како инструмент да се определи политичката волја на граѓаните. Тој инструмент се рефлектира преку бројот на гласови, кои се добиени од страна на гласачите – 661 илјада гласа, а 606 илјади „за“ и таа бројка им дава целосен легитимитет на институциите да продолжат со имплементација од обврските од овој меѓународен договор. Имаме целосен легитимитет институциите уште од денеска да продолжат со имплементација на Договорот. Граѓаните јасно се определија НАТО и ЕУ, рече Османи.

Вицепремиерката Шекеринска најави дека во следните седум до десет дена ќе се направат сите потребни консултации со пратениците и пратеничките групи и ќе се процени дали постојат шанси да се обезбеди двотретинско мнозинство.

– Доколку постојат, сметаме дека Македонија реално ќе добие шанса во брза и ефикасна процедура да ги заврши своите обврски, да обезбеди членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Доколку не, мора да ја употребиме втората демократска алатка, а тоа е организирање на предвремени парламентарни избори, појасни Шекеринска.

Во однос на обвинувањата дека се полнеле избирачки кутии во Сарај и Струга, вицепремиерот Османи ги демантираше ваквите информации, додавајќи дека тоа треба да го проверат надлежните институции.

Прашан дали ДУИ е за предвремени избори, Османи рече дека ставот на партијата е да се исцрпат сите можности за пратениците да гласаат за измените бидејќи Македонија има големи обврски пред себе и сите други прашања треба да се потчинат на оваа возвишена цел – а тоа е членството во НАТО и ЕУ.

Тој ги демантираше шпекулациите дека Албанците вчера не гласале во доволен број.

– Тие гласаа во максимален можен број во којшто во моментов ги има во Македонија. Тоа го гледам споредбено со сите други изборни циклуси. Ако ги земеме локалните избори, секогаш на локалните избори излезноста е најголема. Албанците имаат нешто поголема излезност отколку на локалните избори во 2017 година. Според општините каде Албанците се во доминантно мнозинство околу 270.000, проценката е некаде околу 250.000 дека гласале вчера, но тоа треба да се потврди, истакна Османи.

SHARE

Comments are closed.