Двете нови маки на министерот – пишува Горан Момироски

За првата најголема мака на министерот за полиција околу бегството на Груевски што е огромен срам за МВР, за владата и за РМ е кажано и излажано речиси се.

Денеска за неговите две нови маки кои можат директно да ни го загрозат патот до ЕУ дури и со уставни промени за името и ратификација на договорот со Грција.

Две прашања поврзани со новата афера прислушување на правосудни институции можат да предизвикаат сериозни тензии на релација Влада – ЕУ кога на ред ќе дојде правосудството, полицијата, безбедносните служби и генерално владеење на правото.

Двете прашања се поврзани со министерот Оливер Спасовски чии што изјави се збунувачки дури и за најголемите дипломатски поддржувачи на оваа влада.

Првото прашање е кои се изворите на МВР во обвинителството кои што на Спасовски му дале информација дека во ЈО има активна опрема за прислушување.

Според ниту еден закон или подзаконски правен акт МВР не смее да има свои формални, неформални или тајни извори во судско -обвинителските институции затоа што тоа би значело дека полицијата, обвинителите и судиите соработуваат и за други прашања кои што не се правно регулирани. Со самото тоа тие се противзаконски.

Ако Спасовски во паниката не лаже тој признава дека со тајни извори во ЈО директно се крши уставната поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Со својата изјава за случајот министерот Спасовски потврди дека во Македонија нема класична поделба меѓу извршната и судската власт и со тоа директно и дава алиби на било која земја членка да не прогласи за далечна на Критериумите од Копенхаген.

Опремата била инсталирана во 2013 година а информацијата во МВР ја добиле пролетта преку свои внатрешни извори, по што веднаш ги информирале Јавниот обвинител и претседателот на Основниот суд Скопје 1, изјави Спасовски кој сега ќе мора да ги открие изворите на МВР.

Било кој професионален обвинител или собраниска комисија ќе мора како прв чекор во истрага да утврди кои се изворите на МВР и дали тие на полицијата давале или се уште даваат неформални информации за состојбата во обвинителатвото или судовите.

Санкционирањето на тие што ја поставиле опремата се подразбира, како што се подразбира и тоа дека тие што имале надлежност да ги контролираат овие незаконски дела ќе мора да одговараат.

Вториот момент за кој Спасовски ќе мора да даде добар одговор е зошто иако скандалот во ЈО бил откриен пролетоска опремата функционирала до завчера како што изјави јавниот обвинител Јовевски.

Дури и да имало дозвола за тоа сите што биле жртви на прислушувањето кое продолжило уште 6 месеци откако било откриено сега можат да тужат и овде и во Стразбур и сигурно ќе добијат процес за прекршување на човекови права.

Во таков случај Македонија повторно ќе има проблем да докаже дека е демократска земја со функционален правен систем.

И тоа не само пред Унгарија која веќе не прогласи за земја каде не владее право и слобода туку и пред Франција, Холандија и неколку други кои што сигурен сум веќе размислуваат или подготвуваат нов “Нон пејпер” за македонскиот правно – политички хаос.

Ако некој се надева дека француската влада и претседателот Макрон кои се соочени со сериозни внатрешни предизвици ќе ни простат за хаосот со бегството на Груевски и со слушање на обвинители и судии многу се лаже.

Официјален Париз и Амстердам нема да ризикуваат, дури ни со сменето име на наша штета, да ни дадат преговори за членство во ЕУ ако имаат аргументи, со кои за жал, самите докажуваме дека сме нефункционална држава.

SHARE

3 Коментари

  1. По повод: Претседателот Иванов на Климатскиот самитот во Катовице

    НА МАКЕДОНИЈА И ГО СМЕНУВААТ ИМЕТО И СЕ НАОЃА ВО ПОСЛЕДНАТА ФАЗА ОД УКИНУВАЊЕТО , А ИВАНОВ ЗАГРИЖЕН ЗА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

  2. 1.Прво владата мора да одговори како ја започнува постапката за уставни измени
    кога Договорот е спротивен на Уставот и не е објавен во Службен весник ?
    2. Формално-правно овој Договор не може да влезе во правна сила се додека не се
    усогласи со Уставот на Република Македонија и додека не биде објавен во Службен весник
    3. Чл. 51 од Уставот е дециден и вели законите мораат да бидат во согласност со
    Уставот, а СИТЕ ДРУГИ ПРОПИСИ, вклучително и билатералните и другите
    видови меѓународни договори, мора да бидат во согласност со Уставот и со
    законите.
    4. Чл.52 од Уставот вели законите и другите прописи се објавуваат во „Службен
    весник“ пред да влезат во сила.
    5. Ниту Договорот е во согласност со Уставот, а уште помалку е во согласност со
    Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори.
    6. Голем број врвни експерти од странство се изјаснија дека Договорот е во
    спротивност и со меѓународното право, односно дека истиот е предавство на
    меѓународните принципи и правила.
    7. Во чл. 118 од Уставот стои дека меѓународните договори што се ратификувани во
    согласност со Уставот, што значи со закон објавен во „Службен весник“, СЕ ДЕЛ
    ОД ВНАТРЕШНИОТ ПРАВЕН ПОРЕДОК. Овој договор не е дел од внатрешниот
    правен поредок на земјата и не може да биде основа за менување на Уставот.
    8. Ова значи дека Владата и натаму го крши Уставот и врз основа на неуставен
    договор подготвува цела постапка за промена на Уставот.
    9. Овој предлог за пристапување кон измена на Уставот од формално-правна, но и од
    материјално-правна причина не смее да биде усвоен од пратениците, бидејќи
    истиот ги крши темелните вредности на уставниот поредок и неколку члена од
    Уставот.
    10. Исто така, со предлогот за пристапување кон измена на Уставот не се почитува
    волјата на над еден милион и двестотини граѓани кои не го прифатија Договорот од
    Преспа како основа за менување на Уставот.
    11. Волјата на граѓаните изразена на референдум согласно Уставот е
    ЗАДОЛЖИТЕЛНА ЗА ВЛАСТА!

Оставете Коментар